Скриен Шеќер: Рани знаци што не смеат да се игнорираат

Живот и СтилЗдравје

Скриениот шеќер често нема симтоми, но може навреме да се открие и контролира со прегледи и правилни навики.

Скриениот шеќер претставува состојба во која нивото на гликоза во крвта е повисоко од нормалното, но сè уште не достигнува вредности кои укажуваат на дијабетес тип 2. Оваа фаза — нарекувана и нарушена гликоза на гладно или нарушена толеранција на глукоза — е знак дека организмот почнува да ја губи способноста ефикасно да го користи инсулинот. Инсулинот, хормон произведен од панкреасот, овозможува гликозата од храната да се претвори во енергија.

Кога телото станува помалку чувствително на инсулин, гликозата се задржува во крвта и постепено се развива скриена шеќерност. Ако не се контролира, оваа состојба може да премине во дијабетес тип 2. Најчесто поминува незабележано, бидејќи во раните фази нема изразени симптоми. Редовните превентивни медицински прегледи овозможуваат навремено откривање и спречување на понатамошни компликации, особено кај лица со семејна историја на дијабетес.

Симптоми на скриен шеќер

Иако симптомите се поблаги од оние кај дијабетесот, долгото покачување на гликозата може да доведе до промени во организмот. Кога глукозата е висока, бубрезите не успеваат целосно да ја реапсорбираат, па таа се елиминира преку урината, носејќи вода со себе. Ова доведува до дехидрација и појава на:

  • зголемена жед

  • почесто мокрење

  • вртоглавица

  • гадење

  • главоболки

  • замор

  • запек

  • затемнување на кожата околу вратот, лактите, колената и пазувите

  • замаглено видно поле

  • побавно заздравување на раните

Кај некои луѓе, покачената гликоза може да предизвика и оштетување на ситните крвни садови во ретината, што дополнително го оптоварува видот.

дијабетис

Што ја предизвикува скриен шеќер?

Факторите кои го зголемуваат ризикот се:

  •  возраста

  • прекумерна телесна тежина

  • поголем обем на половината

  • наследни предиспозиции

  • недоволно физичко движење

  • исхрана богата со преработено месо и засладени пијалаци

  • пушење

  • висок крвен притисок

  • полицистични јајници (PCOS)

Редовната физичка активност и избалансираната исхрана значително го намалуваат ризикот и го поддржуваат метаболното здравје.

Дијагноза и третман

Скриената шеќерност се утврдува со лабораториски тестови за гликоза на гладно, орален гликозен толерантен тест и по потреба дополнителни анализи. Лекувањето се темели на промени во исхраната, зголемена физичка активност и следење на вредностите на шеќер во крвта. Со навремена интервенција, состојбата може целосно да се стави под контрола и да се спречи развојот на дијабетис.

Во најголем дел од случаите, скриениот шеќер поминува без јасни симптоми. Знаците што се појавуваат се речиси идентични со оние кај дијабетесот и поради тоа не се доволни за разликување. Затоа, кога лекарот ќе забележи покачена вредност на шеќер во крвта, најчесто препорачува дополнителни анализи за потврда.

Скриениот шеќер се дијагностицира кога гликозата е над нормалните граници, но не доволно висока за дијагноза на дијабетес. Ако се утврди нарушена гликоза на гладно, лекарот може да побара и орален гликозен толерантен тест (ОГТТ). За овој тест, лицето мора да биде осум часа без храна, по што се пие раствор со одредена количина шеќер. На тој начин се следи како организмот реагира на глукозата по период на гладување.

Лабораториски вредности што упатуваат на скриена шеќерност

  • НОРМАЛЕН НАОД

    T=0’          на гладно: < 5,1 mmol/L гликоза

    T=120’      2 часа по оптоварувањето со гликоза: <8,5 mmol/L гликоза

    ГЕСТАЦИСКИ ДИЈАБЕТЕС 

    T=0’          на гладно: 5,1–6,9 mmol/L гликоза

    T=120’     2 часа по оптоварувањето со гликоза: 8,5–11,0 mmol/L гликоза

Третман и контрола на скриениот шеќер

Начинот на живот игра централна улога во развојот и контролата на скриената шеќерност. Со навремени промени, ризикот значително се намалува, а во многу случаи состојбата се стабилизира.

Физичка активност

Редовното вежбање го забавува или спречува преминот кон дијабетес. За возрасни се препорачуваат:

  • 150–300 минути умерена аеробна активност неделно,

  • плус вежби за сила 2 пати неделно.

Физичката активност не само што го подобрува метаболизмот на глукозата, туку го намалува ризикот од срцеви заболувања и придонесува за здрава телесна тежина.

Исхрана

Избалансираната исхрана е еден од најмоќните начини за контрола. Корисни препораки се:

  • зголемен внес на производи богати со растителни влакна

  • свежо овошје и зеленчук

  • сложени, непреработени јаглехидрати

  • ограничување на заситени масти

  • избегнување преработено месо и засладени пијалаци

Овие промени помагаат да се намали инсулинската резистенција и да се стабилизираат вредностите на шеќерот.

Како да се спречи развој на скриен шеќер?

Спречувањето на оваа состојба е воедно и спречување на идниот дијабетес. Корисни мерки се:

1. Одржување на здрава телесна тежина

Прекумерната маснотија, особено во пределот на стомакот, го зголемува ризикот. Намалувањето на преработена храна, заситени масти и едноставни шеќери е клучно.

2. Редовна физичка активност

Активноста го зголемува мускулното ткиво, подобрувајќи ја чувствителноста на инсулин и помагајќи во контрола на крвниот шеќер.

3. Престанување со пушење

Пушењето значително го зголемува ризикот од дијабетес, а кај луѓето кои веќе имаат висок шеќер придонесува за посериозни компликации како срцеви заболувања и оштетување на видот.

4. Редовни медицински контроли

Мали покачувања на гликозата може да останат незабележани. Редовните проверки овозможуваат навремена интервенција.

5. Контрола на постојни здравствени состојби

Покачениот крвен притисок или холестерол ги оптоваруваат крвните садови и го зголемуваат ризикот од дијабетес. Навремено лекување е многу важно.