Kia K4: Новиот цар во класата Golf

Автомобилизам

Kia K4 ја редефинира компактната класа со нов дизајн, напредна технологија и голем простор. Детални спецификации и опрема.

Kia K4: Компакт што влегува со големи амбиции

Kia реши да го освежи теренот по брановите електрични модели и да се врати со класичен бензински адут –  новиот K4, директниот наследник на легендарниот Ceed. И да, цените во Германија стартуваат од 29.990 евра, што е малку повисоко од очекувањата, но K4 не доаѓа да игра на ситно – доаѓа да доминира во класата Golf.

Kia k4 жолта боја новиот киа автомобил

По три генерации, Ceed оди во заслужена пензија, а K4 го презема кормилото со нова номенклатура, поголеми димензии и впечатлив дизајн. Долг 4,44 метри и со меѓуоскино растојание од 2,72 метри, K4 е видливо порастен во споредба со својот претходник. Просторот во багажникот – 438 литри, па дури до 1.217 литри со спуштени задни седишта – јасно става до знаење дека ова веќе не е „малиот Ceed“, туку поголем и поамбициозен модел.

Кокпит: дигитален, модерен и сериозно опремен

Во внатрешноста те пречекуваат два 12,3-инчни екрани што го обединуваат управувањето со навигацијата и дигиталната табла. Kia го носи најновиот инфозабавен систем ccNC, дополнет со гласовен асистент со вештачка интелигенција (првата година бесплатно), видео стриминг, Wi-Fi hotspot и безжична интеграција со телефони. Тука се и ажурирања преку интернет и можност за плаќање директно од автомобилот.

Kia k4 внатре шалттабла дисплеј новиот киа автомобил

Опрема што тешко се игнорира

K4 не доаѓа „основно“, туку веднаш нуди LED фарови, навигација, панорамски дисплеј, двозонска клима, паметен клуч, греење на седишта и голем пакет системи за безбедност:

  • помош при возење на автопат
  • предупредување за судир
  • активна контрола на слепа точка
  • адаптивен темпомат
  • систем за откривање на поспаност
  • седум воздушни перничиња, вклучувајќи и централно

За оние што сакаат „трошење на лепчиња на опција“, листата продолжува со Digital Key 2.0, head-up дисплеј, Harman/Kardon аудио, вентилирани седишта, греење на задни седишта и камера со поглед 360°.

Kia K4 не доаѓа да биде скромен наследник – доаѓа да постави ново правило во компактната класа. Прашањето е само дали Golf конечно доби сериозен ривал што му дише во врат… или веќе му гази на педалата.