Џуд Ло ќе го глуми Владимир Путин во новиот филм „Волшебникот од Кремљ“
Познатиот британски актер Џуд Ло се соочува со голем предизвик во својата најнова улога. Имено, 52-годишниот актер откри дека во претстојниот филм наречен „Волшебникот од Кремљ“ ќе го глуми рускиот претседател Владимир Путин.
Во режија на францускиот режисер Оливие Асајас, филмот ќе го следи Владимир Путин, претседателот на Русија кој сега има 72 години, на почетокот на неговата политичка кариера.
„Сè уште навистина не сум почнал да работам на улогата“, изјави Џуд Ло, додавајќи: „Мислам, почнав, но во моментов се чувствувам како на Еверест да се искачувам, па се чувствувам како да сум сè уште на дното. а јас гледам кон врвот, размислувајќи: „О Боже, што си направив себеси?“
Актерот призна дека често има слични чувства кога прифаќа толку предизвикувачки улоги. „Кога велам „да“, обично помислувам: „Како ќе го решам ова?“, заклучил тој.
Филмот „Волшебникот од Кремљ“ е заснован на книгата со истиот наслов, односно, на бестселерот од 2023 година, напишана од Џулијано да Емполи, а сценариото за овој филм го напишаа Асајас и Емануел Каре.
Според „Варајети“, во филмот ќе глумат и Пол Дано, Алиша Викандер и Зак Галифианакис.
Пол Дано ќе го толкува главниот лик Вадим Баранов, уметник кој станува телевизиски продуцент, чија улога вклучува манипулирање со вистината, пропагандата и општеството, прикажувајќи ја Русија како едно големо реално шоу.
„Само неговата љубов кон слободоумната и магнетно привлечната Ксенија може да го одвлече вниманието од оваа опасна игра“, се наведува во описот на филмот.