Во воената одбрана на Германија ќе има шпионски лебарки и вештачка интелегенција
Германија вложува во вештачка интелигенција, роботи и шпионски технологии како дел од новата стратегија за модернизација на одбраната и водство во европската безбедносна арена.
За Гундберт Шерф, коосновачот на германскиот „Хелсинг“, највредниот европски одбранбен стартап, руската инвазија врз Украина беше пресвртна точка.
Некогаш борејќи се за инвестиции, компанијата која произведува воени дронови и развива вештачка интелигенција за бојното поле, сега вреди над 12 милијарди долари – повеќе од двојно од претходната проценка.
„Европа конечно почнува да инвестира во сопствената безбедност. Оваа година, за првпат по децении, се троши повеќе за стекнување одбранбена технологија, наместо да се потпираме на САД“, вели Шерф.
Тој ја споредува трансформацијата со Проектот Менхетен, амбициозната американска програма за развој на нуклеарно оружје.
Ројтерс разговараше со дваесетина директори, инвеститори и носители на одлуки за да разбере како Германија – најголемата европска економија – сака да стане двигател на новата генерација воено-технолошка моќ.
Од пацифизам до технолошка офанзива
Обликувана од историјата на нацистичкиот милитаризам и поствоениот пацифизам, Германија традиционално имаше скромен одбранбен сектор. Сепак, руската агресија и несигурноста околу американската поддршка предизвикаа заострување на политиката.
До 2029 година, Германија планира речиси да го утрои својот годишен одбранбен буџет на 162 милијарди евра. Фокусот е на нови технологии: автономни тенкови, беспилотни подморници и – најфутуристички – киборг лебарки за шпионирање.

Подемот на стартапите
„Хелсинг“ не е осамен случај. Компании како ARX Robotics и Swarm Biotactics нудат иновации кои ја менуваат парадигмата на војувањето. ARX развива роботи слични на тенкови, додека Swarm експериментира со инсекти-роботи за извидување во непријателска територија.
„Нашите биороботи користат невронска стимулација, минијатурни сензори и сигурни комуникациски канали. Можат да функционираат автономно или во синхронизиран рој“, објаснува Стефан Вилхелм од Swarm Biotactics.
Владата ги олеснува правилата
Канцеларот Фридрих Мерц поддржува нацрт-закон кој им овозможува авансно финансирање на стартапите и го олеснува пристапот до јавни тендери. Постоечките гиганти, како Рајнметал и Хенсолдт, добиваат конкуренција од агилни иноватори кои се повеќе го диктираат темпото.
„Министерот за одбрана ми рече: ‘Парите веќе не се проблем – сега ги има’. Тоа беше јасен сигнал дека работите се менуваат“, вели Марк Витфелд, извршен директор на ARX Robotics.
Германија на чело на европската одбрана
Со зацртаната цел од 3,5% од БДП за одбранбени трошоци до 2029 година, Германија се обидува да стане столб на европската безбедност. Веќе е втор најголем поддржувач на Украина по САД.
Но, предизвиците не се мали: европскиот пазар е фрагментиран, со различни регулативи и стандарди за секоја држава. Наспроти тоа, САД имаат единствен пазар и силна одбранбена индустрија предводена од гиганти како „Локхид Мартин“ и „Палантир“.
Инвестиции со брза исплата
Според Aviation Week, 19 европски држави, вклучувајќи ги и Украина и Турција, оваа година ќе потрошат 180 милијарди долари за одбрана – повеќе од САД во истиот сегмент.
Владите го препознаваат стратешкиот потенцијал: технологиите развиени за одбраната – интернетот, GPS, млазните мотори – имаат потенцијал за трансформација и во цивилниот сектор.
Талентот се враќа
Со намалување на побарувачката за автомобили, германската индустрија бара нови насоки. Средните претпријатија – ‘рбетот на економијата – сè повеќе се пренасочуваат кон одбраната.
„Стартапите имаат мозокот, средната индустрија го има мускулот“, вели Штефан Туман од Donaustahl, производител на муниција.
Од „долината на смртта“ до еднорози
Одбегнувањето на ризик досега ја кочеше одбранбената технолошка сцена во Европа. Но, притисокот од војната и новите буџети го менуваат тоа.
Денес, Европа има три одбранбени стартапи со проценка над 1 милијарда долари: „Хелсинг“, „Квантум Системс“ и португалскиот „Текевер“.
„Не постои подобра земја за одбранбени иновации од Германија – и во однос на талент, и во однос на производствени капацитети“, заклучува Џек Ванг од Project A.