Ве боли вратот од клима уред, неколку совети како да ги ублажите болките
Климата може да предизвика болки во вратот и грбот ако не се користи правилно. Научете како да ги ублажите симптомите и да избегнете понатамошни проблеми.
Во обидот да се спасиме од летните горештини, често несвесно си предизвикуваме нов проблем – вкочанетост и болки во вратот и горниот дел од грбот, предизвикани од клима уредите. Иако овие уреди носат моментално олеснување, сè почесто стануваат причина за сериозен физички дискомфорт, особено ако ладниот воздух директно удира во телото.
Според медицинските експерти, ненадејното ладење предизвикува контракција на мускулите, што резултира со вкочанетост, болка, па дури и вртоглавици и главоболки. Оваа состојба, позната како цервикален синдром, се појавува најчесто кај луѓе кои долго време седат под клима или спијат во простории со ниска температура.

Дополнително, кај лица со постоечки состојби како артритис или артроза, изложеноста на студен воздух може да ја влоши болката и да ја зголеми осетливоста на зглобовите. Особено погодено е ‘рбетното подрачје, каде мускулите имаат клучна улога во држењето на телото. Ако тие мускули се стегнат, се создава дополнителен притисок врз зглобовите, што ја зголемува болката.
Како да ги ублажите симптомите?
Ако веќе чувствувате непријатности, еве неколку корисни совети:
Избегнувајте директен контакт со ладниот воздух – поставете ја климата така што струењето нема да ве погодува директно.
Покријте го вратот со лесна марама или шал – особено ако престојувате долго во климатизирана просторија.
Подесете повисока температура на климата (околу 25°C) – за да избегнете термален шок.
Редовно истегнувајте ги мускулите на вратот и рамената – лесни вежби за мобилност можат да направат голема разлика.
Користете блага масажа или топол облога – но внимавајте, силен притисок може да направи повеќе штета отколку корист.
Консултирајте се со лекар за употреба на антиинфламаторни лекови – ако болката е поинтензивна.
Остеопатски или физиотерапевтски третмани – особено ако проблемот се повторува или станува хроничен.
Климата може да биде наш сојузник во борбата против горештините, но само ако ја користиме паметно. Телото ни дава сигнали кога нешто не е во ред – затоа не ги игнорирајте.