Трамп и Епстин заедно на нови снимки

АмерикаВашингтонВести

CNN објави досега невидени снимки и фотографии од Доналд Трамп со Џефри Епстин во Њујорк, поттикнувајќи нов бран интерес за нивната поврзаност.

Во момент кога прашањата околу врските на Доналд Трамп со срамниот милијардер и сексуален престапник Џефри Епстин повторно стануваат жешка тема во американската јавност, CNN објави ексклузивен извештај со досега невидени снимки и фотографии кои го прикажуваат Трамп во блиско друштво со Епстин, среде гламурот на Њујорк во 90-тите.

На една од фотографиите, Трамп и Епстин заедно присуствуваат на свадбата на Трамп со Марла Мејплс во 1993 година, одржана во хотелот “Плаза” во срцето на Менхетен. Истовремено, видео-снимка од модна ревија на Victoria’s Secret од 1999 година прикажува како двајцата весело разговараат и се смеат додека седат во првиот ред пред почетокот на шоуто.

Овие нови откритија се појавија во момент кога јавниот притисок расте околу потенцијалната улога на Трамп и други јавни фигури во истрагата за Епстин. Министерството за правда на САД неодамна одлучи да не ги објави долгоочекуваните документи поврзани со случајот, што предизвика разочараност дури и меѓу поддржувачите на Трамп и неговото движење „Make America Great Again“ (MAGA). Многумина очекуваа да се откријат имињата на наводните соучесници на Епстин, но наместо тоа, судот даде нов рок од седум дена за Министерството да објасни зошто сведочењата на големото поротно тело треба да останат тајни.

На прашање на CNN за фотографиите, Трамп саркастично одговорил со „Се шегувате?“, пред да го прекине повикот и да ги нарече медиумите „лажни вести“.

Трамп и Епстин
Трамп и Епстин

Во одбрана на претседателот, портпаролот на Белата куќа, Стивен Чеунг, изјави:

„Станува збор за изолирани кадри од безначајни јавни настани со многу гости. Ова е уште еден обид за валкање на претседателот преку манипулативни инсинуации. Вистината е дека Трамп го исфрли Епстин од својот клуб токму затоа што беше одвратен тип.“

Сепак, останува фактот дека Епстин, кој изврши самоубиство во затвор во август 2019 година, беше тесно поврзан со бројни моќници од светот на политиката, бизнисот и забавата. Официјално, неговата смрт е класифицирана како самоубиство, но теориите на заговор не стивнуваат – особено поради опсегот на неговите контакти и влијанието што го имал.

Интересно е и тоа што спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, најави дека работата на Конгресот ќе биде прекината порано поради августовскиот одмор, што директно ги блокираше обидите на демократите за гласање за објавување на Епштиновите истражни документи.