Трамп го потпиша договорот за крај на најдолгата блокада во САД
Доналд Трамп го потпиша договорот со кој заврши најдолгата блокада на владата во историјата на САД, која траеше 43 дена!
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша договор со кој се стави крај на најдолгата блокада на владата во историјата на Соединетите Американски Држави. По потписот, Претставничкиот дом изгласа одлука за деблокада на средствата за храна, исплата на илјадници федерални работници и нормализирање на клучните владини услуги.
Претставничкиот дом, каде што доминираат Републиканците, го усвои пакетот со 222 гласа „за“ и 209 „против“. И покрај силното противење на Демократите, поддршката на Трамп ја одржа партијата обединета.
Со потпишувањето на законот, кој Сенатот го одобри претходно во неделата, владините вработени кои беа без работа 43 дена ќе се вратат на своите работни места. Сепак, не е целосно јасно колку брзо ќе се воспостават сите редовни владини услуги.
„Никогаш не смееме да дозволиме ова да се повтори“, изјави Трамп при потпишувањето.
Согласно договорот, финансирањето ќе биде продолжено до 30 јануари, што ќе ѝ овозможи на федералната влада привремено да ги покрие трошоците, додека државниот долг продолжува да расте и веќе достигна 38 билиони долари, со дополнителни 1,8 билиони годишно.
Републиканскиот конгресмен Дејвид Швајкерт од Аризона ја опиша ситуацијата со доза на иронија:
„Се чувствувам како да преживеав епизода од ‘Сејнфелд’. Поминаа 40 дена, а сè уште не знам што беше заплетот“, изјави тој, споредувајќи го хаосот во Конгресот со сценарио од популарната хумористична серија од 1990-тите.
Швајкерт додаде дека очекувал блокадата да трае само неколку дена:
„Мислев дека ќе биде 48-часовна криза – сите ќе се исплукаат, ќе се смират и ќе се вратиме на работа. Очигледно, грешев.“
Одлуката за повторно активирање на програмите за помош во храна ќе им овозможи на милиони семејства финансиско олеснување во пресрет на празничната сезона.
Економистите проценуваат дека блокадата го намалила американскиот бруто-домашен производ за околу една десетина процентен поен за секоја од шесте недели застој, иако најголем дел од загубите се очекува да бидат надоместени во следните месеци.
Финансиската криза што ја предизвика блокадата уште еднаш го отвори прашањето за поделбите во американската политика, но и ја потврди потребата од поодговорно управување со буџетот и долгот на најголемата светска економија.






