Тојота Supra со V8 мотор влегува во Supercars шампионатот 2026
Тојота ја претстави својата тркачка ѕвезда – новата Supra со V8 мотор, која од 2026 година ќе се натпреварува во шампионатот Supercars и ветува вистински спектакл на патеките.
Тојота официјално го претстави тркачкиот автомобил Supra со моќен V8 мотор, кој ќе дебитира во шампионатот Supercars во 2026 година. Овој потег претставува ново поглавје во историјата на јапонскиот бренд во австралискиот моторспорт и ветува возбудлива борба на патеките.
Првите фотографии од прототипот на Supra Supercar беа објавени на престижниот настан Bathurst 1000 во Сиднеј, откако претходно, во 2024 година, јавноста доби можност да го види глинениот модел.
Supra – икона претворена во тркачка машина
Моделот е изграден врз основа на легендарниот спортски автомобил Toyota Supra со погон на задните тркала, кој веќе има свое место во јапонската SUPER GT серија. Новата Supercars верзија е развиена според строгите Gen3 прописи и ќе биде придвижувана од 5,2-литарски V8 мотор со четири брегасти вратила, целосно усогласен со правилата за капацитет на мотори меѓу 5,2 и 5,7 литри.
Првите тестови се реализирани во фабриката на Тојота во Алтона, Мелбурн, со познатиот Нил Кромптон зад воланот. Очекувањата се наскоро да започне обемна тест-програма низ цела Австралија, а болидот повторно ќе биде изложен пред публиката на Bathurst 1000 следниот месец.
Историски момент за Toyota и Supercars
Шон Ханли, потпретседател на Toyota Australia за продажба и маркетинг, изјави дека претставувањето на Supra Supercar е резултат на „години напорна работа“ и дека автомобилот ќе донесе свежа возбуда на гридот во 2026 година.
„Toyota има богата историја во австралискиот моторспорт што започна уште во 1957 година, а нашето учество во шампионатот Supercars е логичен чекор кон нови височини,“ додаде тој.
Toyota ќе настапи во партнерство со тимовите Walkinshaw Andretti United (WAU) и Brad Jones Racing (BJR). WAU ќе подготви два примерока на Supra, додека BJR ќе се натпреварува со уште четири болиди, откако тимот официјално премина од Chevrolet кон Toyota.
Ново ривалство на патеките
Влезот на Toyota во 2026 година ќе донесе вистинска револуција – за прв пат по 2019 година, шампионатот ќе има три производители на стартната линија: Toyota, Ford и Chevrolet. Последен пат тоа се случи со учеството на Nissan Altima.
Со ваквиот потег, шампионатот Supercars добива ново ниво на конкуренција и возбуда, а љубителите на мотоспортот со нетрпение очекуваат да ја видат Supra V8 во директна борба со Mustang и Camaro.