Стравична експлозија во Букурешт – има загинати и повредени, урнат дел од станбена зграда!
Експлозија во Букурешт – три лица загинаа, 17 повредени. Уништени катови од зграда во населбата Рахова, постои ризик од уривање. Причина – истекување на гас. Видео!
Во раните утрински часови денеска, моќна експлозија го потресе Букурешт, при што три лица загинаа, а 17 се повредени, меѓу нив и неколку деца. Настанот се случил во населбата Рахова, во близина на Средното училиште „Димитрие Болинтинеану“, јавува „Antena Observator“.
Експлозијата целосно го уништила петтиот и шестиот кат од една осумкатна станбена зграда, а ударниот бран предизвикал сериозни оштетувања и на соседните објекти. Целото подрачје е евакуирано, а сообраќајот е блокиран.
„Сè се затресе како бомба. Стаклата се распаднаа, а делови од фасадата паѓаа на автомобили“, сведочат жителите. Некои делови од конструкцијата паднале врз паркирани возила, а во воздухот се чувствува прашина и мирис на гас.
Bubuitura s-a auzit in tot Bucurestiul. Pana si eu am simtit-o in Pipera.
2 morti, 11 raniti in explozie. Rahova. pic.twitter.com/VIkQflfuSe
— Lucian Mindruta (@LucianMindruta) October 17, 2025
Експлозија како од филм на ужас
Сведоци велат дека ударниот бран бил толку силен, што една од жртвите била фрлена десетици метри подалеку и удрила во ѕид на соседен објект. Деца од училиштето во близина претрпеле посекотини од стакло, а наставата е прекината до понатамошно известување.
„Точно во 9 часот излегов од зградата и видов дека двајца работат на гасната инсталација. Две минути подоцна – сè експлодираше. Комшиите викаа дека зградата е дигната во воздух“, изјавила сведок за „Antena Observator“.
Постои опасност од уривање
Според изјавата на Раед Арафат, шеф на Одделот за вонредни состојби (DSU), зградата е во опасност од колапс, па жителите не смеат да се враќаат внатре дури ни по лични документи.
„Ова е сериозна експлозија. Според првичните информации, најверојатно се работи за натрупување на гас. Стручњаците утврдија дека објектот е нестабилен, и влегувањето е строго забрането“, изјави Арафат.
Тој потврдил дека тимови за гас работеле во областа ден пред експлозијата, а доводот на гас бил привремено прекинат. „Ако гасот бил исклучен, некој го пуштил. Ситуацијата е динамична, ќе видиме што ќе покаже истрагата“, додаде Арафат.
Огромна материјална штета
Освен уништените катови, оштетени се и фасади на околните згради, како и десетици автомобили. Спасувачките екипи со кучиња трагаат дали под урнатините има преживеани.
Во меѓувреме, властите воведоа вонредни мерки за безбедност во делот на градот Рахова, а жителите се сместени во блиските училишта и спортски сали.