„Стартува ‘Сејф Сити’: Камерите од јануари казнуваат без милост“

ВестиМакедонија

Камерите на „Сејф Сити“ од 1 јануари автоматски казнуваат за брзина поголема од дозволената, за поминување на црвено и неправилно паркирање. СМС известувања и половична казна во првите 8 дена.

Камерите на системот „Сејф Сити“, поставени на скопските раскрсници, од денес автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци. Министерството за внатрешни работи го активира проектот „Безбеден град, безбедна држава“, кој до Нова година ќе функционира во пробен режим, а од 1 јануари ќе започнат да пристигнуваат и првите казни.

Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, изјави дека сите прекршоци документирани преку системот ќе бидат санкционирани согласно законските одредби за најголемата дозволена брзина на движење, без каков било вид толеранција – без разлика дали прекршокот е направен во населено место или надвор од него.

Сопствениците на возила чии прекршоци ќе бидат регистрирани ќе добиваат СМС и мејл-известување со линк, преку кој ќе може да го преземат записникот и платниот налог. Од моментот на прием на известувањето започнува да тече рок од осум дена за плаќање половина од пропишаната казна. Доколку не се плати во тој период, целосниот износ мора да се плати во наредните осум дена, пред да започне постапката за присилна наплата.

Казните ќе може да се подмират и електронски, а системот веднаш ќе го известува МВР дека глобата е платена. Од Министерството појаснуваат дека санкционирањето ќе се врши согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој со последните измени дозволува прекршоците да се документираат со камери, без толеранција, и на сите локации каде што се врши снимање — и во град, и на автопат.

Во почетната фаза ќе се евидентираат прекршоци како: возење со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирање. Во следната етапа од проектот е планирано проширување на типот на прекршоците што ќе ги регистрира електронскиот систем.