Со Жизел Бундхен и лажни реклами направиле милиони преку Инстаграм
Измамници во Бразил користеле дипфејк реклами со Жизел Бундхен за онлајн измами. Властите замрзнаа милиони долари и отворија истрага за перење пари и интернет измами.
Група осомничени измамници во Бразил, користејќи реклами на Инстаграм со дипфејк-пораки од супермоделот Жизел Бундхен и други познати личности, но најмногу со Жизел, успеале да заработат милиони долари преку онлајн измами, соопштија полициските истражители.
Властите уапсиле четири лица поврзани со шемата и замрзнале средства во пет различни држави. Истражителите откриле повеќе од 20 милиони реали (околу 3,9 милиони долари) сомнителни средства, идентификувани од федералниот орган за борба против перење пари COAF.
Операцијата претставува еден од првите обиди на бразилските власти да се справат со порастот на употребата на алатки за вештачка интелигенција во креирање на лажни слики и видеа со цел изведување измами.
Во јуни 2024 година, Врховниот суд на Бразил донесе одлука дека платформите на социјалните медиуми може да бидат одговорни за измамнички реклами објавени од корисници, доколку не ја отстранат содржината навремено, дури и без судска наредба.
Сопственикот на Инстаграм, компанијата Meta, реагираше дека нивните политики забрануваат реклами што измамнички користат јавни личности за измами и дека тие содржини се отстрануваат веднаш штом бидат откриени. Од таму додаваат дека инвестираат во специјализирани системи за откривање вакви објави, вработуваат обучени тимови за проверка, како и нудат совети и алатки на корисниците за пријавување сомнителни реклами.
Жизел Бундхен досега не дала официјален коментар за случајот. Сепак, таа претходно јавно предупредила за лажни видеа кои го користат нејзиниот лик за измамнички цели.
Истрагата што ја води единицата за сајбер-криминал во јужната држава Рио Гранде до Сул започнала во август 2024 година, откако една жртва пријавила дека била заведена од реклама на Инстаграм во која изменето видео од Бундхен промовира производ за нега на кожа.
Во друг случај, измамниците ја користеле нејзината слика за да промовираат наводна понуда за бесплатни куфери, при што жртвите плаќале само „трошоци за испорака“ за производи што никогаш не биле испратени.
„Откривме дека криминалната група имала цела мрежа на измами, вклучително и лажни објави со други познати личности, како и нелегални платформи за обложување,“ изјави Ејберт Мореира Нето, раководител на единицата за сајбер-криминал.
Против осомничените се поднесуваат обвиненија за перење пари и онлајн измама. Според полицијата, повеќето жртви изгубиле релативно мали суми, обично под 100 реали (19 долари), и често не пријавувале поради минималниот износ.
„Ова создаде перверзна ситуација во која измамниците имаа еден вид статистички имунитет. Тие знаеја дека поголемиот дел од луѓето нема да пријават, па затоа продолжија со масовни измами без страв од последици,“ изјави Исадора Галијан од единицата за сајбер-криминал.