Што не треба да се прави пред Митровден
Пред Митровден постојат обичаи што треба строго да се почитуваат, особено за жените. Еве што според верувањата не се прави.
Македонската православна црква и верниците на 8 ноември го одбележуваат Митровден – празник посветен на свети Димитриј Солунски. Овој ден е еден од најзначајните во православниот календар и се вбројува меѓу петте најчесто славени македонски слави.
Покрај духовното значење, Митровден е поврзан и со бројни народни обичаи и верувања што се пренесуваат со генерации. Најпознат е оној кој вели дека воочи празникот секој треба да остане во својот дом. Според народното верување, оној што ќе ја помине ноќта надвор од дома на Митровден, цела година ќе преспива по туѓи куќи.
Во некои краеви постои и правило дека на овој ден не треба да се караат деца – верува се дека така ќе бидат мирни и послушни цела година. Жените избегнуваат да користат вретено, чешел или ножици – обичај што симболизира почит кон мирот и тишината на празникот. За Митровден исто така се верува дека предскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи до април.
Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор.
Овој празник го спојува христијанското и народното наследство, потсетувајќи дека домот, семејството и традицијата се столбови на верата и заедништвото.






