Шокантен обид за убиство на руски ММА борец (Видео)

РусијаСпорт

Рускиот ММА борец Тимур Кизриев преживеа обид за убиство во Махачкала откако двајца маскирани напаѓачи му испукале пет куршуми.

Во ноќта помеѓу вторник и среда, руската јавност беше потресена од веста за вооружен напад врз познатиот ММА борец со дагестанско потекло, Тимур Кизриев. Според руските медиуми, врз него биле истрелани пет куршуми од страна на двајца маскирани напаѓачи, кои го чекале пред неговата зграда во Махачкала.

Инцидентот се случил непосредно откако Кизриев излегол од автомобилот, кога вооружените лица му пришле и започнале да пукаат од пиштоли. На социјалните мрежи се појави и вознемирувачко видео, наводно снимено од надзорни камери, кое го прикажува нападот.

Според информациите на агенцијата РИА Новости, Кизриев е префрлен во болница со повеќекратни повреди, но се наоѓа надвор од животна опасност. Анонимен извор близок до борецот за ТАСС изјавил:
„Подвргнат е на операција. Го погодиле најмалку пет куршуми. Според она што го знам, ниту една рана не е длабока.“

Кизриев се натпреварува во перолесна категорија во рамките на организацијата PFL (Professional Fighters League). Претходно има настапувано и во престижни ММА организации како Bellator, FNG, EFC и ACB, каде што пред шест години го освои Grand Prix во својата категорија.

Мотивите за нападот засега остануваат непознати, а руската полиција води интензивна истрага. Во боречките кругови, Кизриев е познат како дисциплиниран и мирен спортист, што дополнително ја зголемува мистеријата околу овој обид за ликвидација.