Русија ќе вгради „AI“ во Меѓународната Вселенска Станица
Русија планира да го вгради домашниот модел на вештачка интелигенција Gigachat во Меѓународната вселенска станица оваа есен, со цел подобра анализа на сателитски снимки.
Москва планира да ја внесе својата технолошка амбиција надвор од Земјата – буквално. Домашниот модел на вештачка интелигенција Gigachat, развиен од Сбербанк, наскоро ќе биде интегриран во информациските системи на Меѓународната вселенска станица (МВС), најави шефот на Роскосмос, Дмитриј Баканов.
Овој чекор е дел од пошироката стратегија на Русија за технолошка самостојност и глобално позиционирање во трката за доминација во областа на вештачката интелигенција, во која засега предничат САД и Кина. Според Баканов, Gigachat ќе има конкретна функција: ќе им помага на космонаутите при обработка на сателитски снимки, овозможувајќи подобра резолуција – од еден метар на само 0,5 метри по пиксел.
„Ова е директна поддршка за екипажот на станицата“, рече Баканов на технолошка конференција во Москва, истакнувајќи дека ова не е само симболичен потег, туку функционално подобрување на секојдневната работа во орбитата.
Следната мисија на ISS, планирана за 27 ноември, ќе го носи потребниот хардвер и софтвер за активирање на Gigachat во орбиталната лабораторија. Оваа интеграција ќе го означи првото официјално користење на руски LLM во вселенски услови, што би можело да постави преседан за идните мисии и да ја зајакне независноста на Русија во деликатната технолошка геополитика.
Сбербанк, најголемата руска банка и двигател на дигиталните иновации во земјата, активно инвестира во развој на генеративна вештачка интелигенција. Gigachat е насочен кон специфични задачи – обработка на податоци, донесување одлуки и автономно делување, без потреба од постојана човечка интервенција.
Потегот доаѓа во момент кога Русија ја ревидира својата улога во ISS. Земјата објави дека ќе остане дел од МВС до 2028 година, но веќе работи на своја независна вселенска станица. Првите два модула од новата станица се очекува да бидат лансирани во 2027 година.
Во меѓувреме, интеграцијата на Gigachat во ISS ќе биде пробен балон – не само за технолошките капацитети на Русија, туку и за можностите на вештачката интелигенција во екстремни, изолирани и автономни средини како што е вселената. Прашањето не е веќе дали АИ ќе стигне во орбитата, туку кој прв ќе ја направи неопходна.