Роби Вилијамс боледува од Туретов Синдром
Роби Вилијамс откри дека боледува од Туретов синдром. Пејачот зборува за тиковите, борбата со ADHD и зависностите, како и за влијанието на менталното здравје врз неговите настапи.
Музичката ѕвезда Роби Вилијамс откри дека тајно се бори со Туретов синдром. 51-годишниот пејач објасни дека неговите тикови се „наметливи“ и претежно внатрешни, а мислите толку интензивни што дури ни настапите пред десетици илјади обожаватели не можат да ги потиснат.
Вилијамс, кој претходно бил дијагностициран со ADHD и посттрауматско стресно нарушување, долги години се соочувал и со зависност од алкохол и дрога. Иако неодамна бил тестиран за аутизам и резултатите биле негативни, пејачот призна дека има „аутистични особини“, особено вознемиреност кога ја напушта безбедноста на својот кревет.
Во интервју за подкастот I am ADHD! No, you’re not, Вилијамс призна дека турнеите и денес го ужаснуваат, и покрај тоа што повеќе од три децении настапува пред преполни стадиони – прво како член на „Take That“, а потоа и како соло изведувач. „Тукушто сфатив дека имам Туретов синдром, но тоа не се гледа однадвор. Што и да е во мене, не може да го разбере ни цел стадион полн со луѓе“, изјави тој.
Слично на шкотскиот пејач Луис Капалди, кој во 2023 година направи пауза од музиката поради истата дијагноза, и Роби призна дека менталното здравје сериозно влијаело врз неговите настапи. „Луѓето мислат дека турнејата е возбудлива, но јас сум преплашен“, додаде пејачот.
Роби детално зборуваше и за својата борба со ADHD, кој му бил дијагностициран уште во 2006 година. Три пати ја добивал истата дијагноза бидејќи, како што призна, „забораваше“ на претходните. На почетокот имал чувство на олеснување, но брзо западнал во зависност од медикаменти, кои почнал да ги злоупотребува.
И покрај сите предизвици, Вилијамс денес е посвесен за своето ментално здравје и активно бара начини да ја разбере сопствената состојба.
„Креветот е моја зона на удобност, сè надвор од него е непријатност. Со текот на годините се чувствувам подобро, но и понатаму ми е тешко во сопствената кожа“, призна тој.
Што е Туретов синдром?
Туретов синдром е наследна невролошка состојба која се карактеризира со неволни движења и звуци – тикови. Најчесто започнува во детството, а симптомите може да вклучуваат трепкање, гримаси, тресење на главата или кревање раменици. Често е поврзан со состојби како ADHD, OCD и анксиозност.