Путин објасни што сака да постигне со војната во Украина
Рускиот претседател повторно ја објасни визијата за тековниот конфликт, нагласувајќи што смета дека е неопходно за постигнување трајна стабилност во регионот.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека тековната воена операција во Украина треба да резултира со долгорочен и стабилен мир. Изјавата ја даде во рамки на документарниот филм „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“, чиј извадок го објави новинарот Павел Зарубин на својот канал на Телеграм, пренесуваат руските медиуми.
Путин потенцираше дека крајната цел на Русија е отстранување на причините што го предизвикаа украинскиот конфликт. Тој додаде дека руската армија располага со доволно сили и ресурси за да го постигне посакуваниот исход.
„Нашиот резултат мора да биде елиминирање на корените на оваа криза, создавање услови за долгорочен и одржлив мир, како и обезбедување на безбедноста на руската држава. Тоа значи и заштита на интересите на рускиот народ на териториите за кои постојано зборуваме – територии населени со луѓе кои рускиот јазик го сметаат за мајчин, а Русија за своја татковина“, изјави Путин.
Конфликтот во Украина започна во февруари 2022 година, кога руските сили започнаа воена инвазија врз украинската територија. Војната сé уште трае, без постигнат мировен договор. Руската армија моментално контролира приближно една петина од територијата на Украина. Москва бара Киев да се откаже од делови од својата територија, да прифати неутрален статус и да се откаже од амбициите за членство во НАТО. Од друга страна, Украина ги отфрла овие барања и инсистира на безбедносни гаранции од Западот.
Автор: Сара Стојковска