ПСЖ го понижи Реал Мадрид со 4-0

Спорт

ПСЖ го понижи Реал Мадрид со 4-0 и обезбеди финале со Челси на Клупскиот Мундијал.

Европскиот шампион Париз Сен Жермен го прегази Реал Мадрид со убедливи 4-0 во полуфиналето на Клупскиот Светски Куп и обезбеди место во големото финале против Челси, кое ќе биде шанса за тимот на Луис Енрике да ја заокружи најуспешната сезона во историјата на клубот со петта титула.

Фабиан Руиз постигна два гола, а Дембеле и Рамос додадоа по еден во епска вечер за ПСЖ на „МетЛајф Стадиум“ во Њу Џерси, каде над 77.000 гледачи – најголем дел облечени во бело – беа замолкнати од тоталната доминација на францускиот гигант.

ПСЖ го понижи Реал Мадрид со 4-0

Оусман Дембеле и Фабиан Руиз погодија уште во првите девет минути од мечот, носејќи шокантно водство за ПСЖ. Дембеле го искористи киксот на Асенсио, а потоа и Руиз го казни нереагирањето на одбраната на Реал по одбиена топка.

Третиот гол дојде по перфектна акција: Дембеле го пронајде Хакими, кој асистираше за Руиз, а Шпанецот маестрално го заврши нападот – 3-0 пред полувремето. Реал беше во тотална дефанзива, без конкретна закана.

Иронично, „враќањето“ на Килијан Мбапе против поранешниот клуб беше маргинално во натпревар во кој ПСЖ функционираше како прецизна машина. Дури и без суспендираниот Вилијан Пачо, Париз покажа железна дисциплина – Берналдо без проблем го пополни неговото место.

Во второто полувреме, тренерот на Реал, Алонсо, реши да ги извади Белињам и Винисиус, имплицитно признавајќи пораз. Единствена „закана“ беше поништениот гол на Дезире Ду за офсајд.

Конечниот удар дојде во 87. минута, кога Рамос по мајсторски прием и удар со десна ја заби топката во мрежата за 4-0 – целосна капитулација на тимот со 15 европски титули.

По одличните игри против Интер (5-0) и Атлетико (4-1), ПСЖ стигна до финалето со вкупна гол-разлика од 13:1. Во недела ќе се судрат со Челси за титулата на првиот Клупски Мундијал со 32 екипи.

ПСЖ го понижи Реал Мадрид со 4-0

„Имаме специјална сезона, и заслужено победуваме. Челси е сериозен противник, но ние сакаме да испишеме историја и потоа да одиме на одмор како легенди,“ изјави Луис Енрике.

Реал, пак, ќе мора да ја анализира оваа тешка лекција. Како што рече Алонсо:

„Не бевме доволно добри. Имаме многу нешта што мора да ги подобриме.“