Природен начин како да се ослободите од главоболката

Здравје

Дознајте ги најчестите причини за главоболка и откријте природни методи за намалување на истата.

Главоболката – таа тивка придружничка на секојдневието – може да се појави ненадејно и да ни биде лошо цел ден. Најчестиот тип е таканаречената тензична главоболка, често поврзана со стрес, анксиозност или депресија. Но, постојат повеќе типови на главоболки како на пример мигрените, кластерските или синусните главоболки, секоја од нив има својот посебен отпечаток на болка.

Природни решенија:

Најчесто луѓето за смирување на главоболката пијат таблети за болка, кои знаат да бидат и многу штетни за организамот, затоа се почесто луѓето бараат, друга опција. Доколку и вие се стремите кон природен пристап наместо кон таблети, постојат неколку едноставни, но ефективни методи за намалување на болката:

  • Топла бања: Потопете се во топла бања, наполнете ја кадата со топла вода и некое време уживајте. Топлата вода помага да се релаксира телото и ги опушта мускулите кои често се извор на тензијата во главата.

  • Хидратација: Недоволниот внес на вода е тивок виновник за многу главоболки. Освен што треба да пиете вода, консумирајте и овошје и зеленчук со висок процент на вода – како лубеница, целер и краставица.

    медитација
    медитација
  • Медитација и дишење: Со затворени очи и фокус на дишењето, медитацијата може да ја растопи менталната напнатост. Исто така многу помага и тишината, во темницата и 10 минути тишина, може да направи многу повеќе отколку што очекувате.

  • Прогресивна релаксација на мускулите: Оваа техника вклучува постепено опуштање на секој дел од телото, почнувајќи од стапалата па сè до челото, со фокус на длабоко и ритмичко дишење. Во продолжение погледнете го видеото и научете ја оваа техника за опуштање.

  • Слушање на смирувачки звуци: Нежна музика или звуци од природата може да го смири умот и да го намали физичкиот стрес.

Дали начинот на живот ви создава главоболки?

Ако природните методи не ви носат олеснување, можеби е време да погледнете подлабоко во навиките што секојдневно ги практикувате:

  • Редовно вежбање ја подобрува циркулацијата и помага во намалување на стресот.

  • Распоред за јадење и спиење – нередовно јадење и спиење може да ја наруши хормоналната рамнотежа.

  • Претерана употреба на екрани – компјутери, телефони и телевизори можат да го оптоварат мозокот и очите. Направете пауза – дури и пет минути може да имаат ефект.

  • Проверете ги очите. Главоболката можеби сигнализира дека е време за нова диоптрија.

 

откажете се од алкохол и цигари
Откажете се од алкохол и цигари
  • Откажете се од цигарите и намалете го алкохолот. Овие навики се директни виновници за многу хронични болки.

Ако ниту еден од овие совети не делува, задолжително консултирајте се со лекар – секоја болка заслужува внимание, а вашето здравје нема цена.