Претерувате со грижа? Вака им штетите на децата
Претераната грижа не им помага на децата – таа им ја одзема самодовербата. Дознајте зошто прекумерната родителска помош може да создаде анксиозни и зависни деца.
Во ера на хипервклучено родителство, каде родителите го следат секој чекор на своето дете, сè почесто се поставува прашањето: дали претераната грижа навистина е љубов – или е форма на контрола?
Иако на прв поглед изгледа благородно да се биде секогаш тука за своето дете, експертите предупредуваат дека овој пристап може да направи повеќе штета отколку корист. Според клиничкиот психолог и семеен терапевт Џефри Бернштајн, една од најчестите грешки што ги прават добронамерните родители е токму – прекумерната помош.
„Кога родителите постојано интервенираат и ги решаваат предизвиците наместо децата, тие всушност им ја крадат можноста да изградат самодоверба и чувство на компетентност,“ вели Бернштајн за Psychology Today. „Резултатот? Анксиозни деца кои се плашат од грешки, се повлекуваат пред сложени задачи и се чувствуваат неспособни без присуството на родителот.“
Оваа динамика создава опасен психолошки шаблон. Кога родителот постојано испраќа порака „ти не можеш сам, јас морам да помогнам“, детето со тек на време почнува да верува во таа порака. Наместо да гради внатрешна сила, го гради чувството дека не може без надворешна помош – што е рецепт за емоционална зависност и несигурност во зрелоста.
Парадоксално, родителите што се обидуваат да „заштитат“ најмногу, се токму оние што ја намалуваат способноста на своите деца да се соочат со реалниот свет. Животот не е стерилно и безбедно игралиште, а улогата на родителот не е да го амортизира секој удар, туку да го научи детето како да стане после падот.
Бернштајн советува наместо да влетувате во секоја ситуација со решение во рака, застанете. Поставете прашања: Што мислиш дека треба да направиш? Како можеш сам/а да го решиш ова?
Пофалете го трудот, не резултатот. Дозволете му на детето да направи грешка и самото да ја анализира. Така се гради емоционална издржливост – највредниот алат што едно дете може да го носи низ животот.