Половина од одличните ученици паднаа на приемен испит изјави Јаневска
Во Гимназијата „Георги Димитров“, имаше приемен испит, бидејќи се пријавија повеќе од што беше планирано за упис оваа година.
Во гимназијата „Георги Димитров“ се пријавиле повеќе ученици отколку што имало предвидено слободни места. Поради тоа, наместо директен упис, пред два дена се одржа квалификациски испит. Но, да биде поголема иронија министерката Весна Јаневска, денеска од собраниската говорница информираше дека од 75 одлични ученици кои полагаа приемен испит за да се запишат во гимназијата „Георги Димитров“, половина од нив не го положиле испитот што според неа е резултат на досегашната пракса да се пишуваат оценки од ракав.

„Завчера во ‘Георги Димитров’ полагаа 75 ученици со сите петки, а 50 проценти не го положија испитот. Нема повеќе поправање на оценки на наставнички совет. Ако сака ученикот да поправи оценка, ќе си дојде заедно со родителот и ќе полага пред комисија, а не со кренање рака на наставнички совет затоа што родителот ни се допаѓа или затоа што така рекол градоначалникот“, рече Јаневска.
Исто така додаде дека “Нови измени на законот ќе правам за се што ќе видам дека не функционира на терен затоа што неопходно е системот на образование да профункционира. Младите ни отидоа затоа што не функционира системот на образование, затоа што оние што заслужиле петки не сакаат оној што има двојка да му се поправи оценката во петка на наставнички совет, рече министерката Јаневска.