Пистите во Минхен повторно затворени поради дронови
Аеродромот во Минхен повторно затвори писти поради забалежани дронови, што предизвика пренасочување и откажување на десетици летови, отворајќи прашања за европската безбедност во воздухопловството.
Двете писти на аеродромот во Минхен беа затворени во петокот вечерта, по втор пат за помалку од 24 часа, откако повторно беа забележани дронови во близина на леталиштето, соопштија властите.
„Германската контрола на воздушниот сообраќај ги ограничи летовите на аеродромот во Минхен како превентивна мерка поради непотврдени видувања на дронови и ги суспендираше до понатамошно известување,“ стои во објавата на веб-страницата на аеродромот.
Капетан на лет кон Лондон, кој беше откажан, им соопштил на патниците дека пистите се затворени „поради забележани дронови во близина на зоните за полетување и слетување,“ додавајќи дека полициски хеликоптери се веќе во воздух за надзор.
Според податоците од системот за следење на летови Flightradar24, најмалку два авиони за Минхен кружеле во воздух на одредено растојание од аеродромот, додека официјалната страница на аеродромот покажала дека најмалку 10 пристигнувања биле пренасочени од 20:35 часот по локално време (18:35 GMT).
Ова е второ големо нарушување за аеродромот за краток период. Во четвртокот навечер и рано во петокот, истиот аеродром беше затворен поради слични непотврдени видувања на дронови, што доведе до прекин на десетици летови и сериозен застој во патничкиот сообраќај.
„Ако денес повторно не ни биде дозволено да летаме, бројот на заглавени патници сигурно ќе биде поголем од вчерашните 3.000,“ изјави портпарол на аеродромот.
Заканата од беспилотни летала во Европа расте последните недели. Некои власти ја припишуваат одговорноста на Русија, но Кремљ ги негира обвинувањата.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт во петокот најави дека ќе предложи закон кој ќе овозможи полицијата да бара поддршка од војската во соборувањето на беспилотни летала, со цел да се засили заштитата на воздушниот сообраќај и безбедноста на патниците.