Новиот филм со Лоренс и Патинсон со 6 минутни овации во Кан

ДрамаКанФилмХоливуд

Џенифер Лоренс и Роберт Патинсон добија шестминутни овации за новата психолошка драма „Die, My Love“, во превод  „Умри, љубов моја на Канскиот фестивал, во режија на Лин Ремзи.

Лоренс и Патинсон ја воодушевија фестивалската публика во Кан со премиерата на оваа психолошка драма. Режисерката Лин, позната по својот длабоко психолошки пристап во филмот, го претстави делото на 17 мај, сабота, каде што следуваа шест минути овации по завршувањето на проекцијата.

Како што извести Variety, додека салата одекнуваше од аплаузи, Лин Ремзи – трогната од реакцијата – застана пред публиката и рече: „Преплавена сум од емоции. Ви благодарам на овие неверојатни актери. Треба да се соберам – ќе се видиме за една минута“, по што ја напушти салата.

Филм што ја отвора темата на постпородилната депресија

Умри, љубов моја е напната психолошка драма што се фокусира на внатрешната борба на жена со постпородилна депресија, лик што го толкува Џенифер Лоренс. Нејзиниот партнер во филмот, кого го игра Роберт Патинсон, се соочува со нејзината ментална нестабилност низ турбулентна и емотивно разорна врска.

Неколку сцени од филмот, меѓу кои самоповредување, удирање во огледала, скокање низ стакло и гребење на ѕидови, оставија силен впечаток кај публиката, предизвикувајќи бурни реакции.

Филмот е адаптација на романот Die, My Love од аргентинската авторка Аријана Харвич, објавен во 2017 година. Делото се смета за моќен психолошки портрет на жена што тоне во халуцинации и психотични епизоди по породувањето.

Лоренс, покрај главната улога, учествува и како продуцент на филмот. Во актерската екипа се вклучени и ЛаКит Стенфилд, Сиси Спејсек и Ник Нолте.

Враќањето на Лин Ремзи во Кан

Лин Ремзи не е непозната на Канскиот филмски фестивал. Со својот дебитантски филм Ratcatcher (1999) настапи во програмата Un Certain Regard и ја освои наградата БАФТА за извонредно деби.

Во 2002 година се врати со Morvern Callar, а во 2011 година дебитираше во главната натпреварувачка програма со филмот We Need to Talk About Kevin, во кој главната улога ја играше Тилда Свинтон. Нејзиниот филм Ти никогаш не си бил навистина овде (2017), со Хоакин Феникс, освои две значајни награди во Кан – за најдобро сценарио и најдобар актер.

Ова е првпат Џенифер Лоренс да се натпреварува за Златна палма. Претходно таа го посети фестивалот како продуцент на документарниот филм Леб и рози.

Роберт Патинсон, пак, е веќе познато лице на фестивалот – неговите филмови Добро време, Мапи до ѕвездите и Светилникот беа дел од програмата во изминатите години.