Нови детали од ОЈО, за жртвата Росица која беше убиена од поранешниот партнер Илија – Фото
Нови детали од ОЈО, за жртвата Росица која беше убиена од поранешниот партнер Илија, поднесени се неколку пријави, а никаква конкретна заштита.
Илија Стефановски е убиецот на Росица Коцева и нејзниот татко, за него се водела граѓанска и кривична постапка, имал условна казна и мерка за забрана за приближување.

Во прилог цело соопштение од ОЈО Велес:
Основното јавно обвинителство Велес на 10.04.2025 година против осомничениот поднесе Обвинителен предлог за 2 настани:
- Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година.
- Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.
- Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.
- На 10.09.2025 година, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече алтернативна мерка – условна осуда. Притоа со решение му беа укинати другите мерки на претпазливост кои беа на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата остана мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.
Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството се уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба. Во меѓувреме, на 21.05.2025 година оштетената го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18.05 се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.

- По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26.06.2025 година издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува.
- На 25.03.2025 година оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Р. Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари.
- Иако настанот во обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот. Врз основа на тоа, обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува. На 09.09.2025 година, оштетената даде исказ во ОЈО Скопје и се изјасни дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.





