Нов скандал: Жена го пријавила д-р Кузмановски дека и праќал заканувачки пораки
Пред објавувањето на видеото со д-р Кузмановски, 54-годишна жена го пријавила во полиција дека ѝ праќал заканувачки пораки. МВР потврди дека случајот се документира.
Нови детали се појавија во случајот со д-р Игор Кузмановски од Клиниката за неврологија, откако пред неколку дена во јавноста протече видео на кое се гледа како меша бела прашкаста супстанција и зборува за квалитетот на „белото“.
Според информациите на МВР, уште пред објавувањето на видеото, во Полициската станица Карпош во Скопје, 54-годишна жена поднела пријава против Кузмановски, тврдејќи дека тој ѝ испраќал заканувачки пораки по телефон од септември годинава.
„На 4 октомври 2025 година, во 20 часот, во СВР Скопје, 54-годишна жена пријавила дека од месец септември И.К. од Скопје ѝ упатувал заканувачки пораки по телефон. Со него е извршен службен разговор во полициска станица и, по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок,“ изјавија од МВР за ‘Слободен печат’.
Овој развој на настаните доаѓа во момент кога јавноста е вознемирена од видеото во кое се гледа докторот во компромитирачка ситуација. Министерството најавува дека истрагата продолжува, а по завршување на постапката ќе се преземат соодветни мерки.