Netflix со серија за исчезнатата Ејми Бредли

NetflixЗанимливостиФилм

Netflix објавува нова документарна серија „Amy Bradley is Missing“ за мистериозното исчезнување на Ејми Бредли од крузер во 1998 година. Дали е жртва на трговија со луѓе?

Најновата документарна серија на Netflix – „Amy Bradley is Missing“ – ја реконструира една од најзагатените приказни во поновата американска историја: исчезнувањето на младата Ејми Лин Бредли од луксузен крузер во 1998 година.

На 21 март 1998 година, 23-годишната Ејми со семејството се качува на бродот Rhapsody of the Seas, кој плови низ Карибите. Три дена подоцна, додека бродот се наоѓа во близина на Курасао, Ејми исчезнува без трага – и до денес, 27 години подоцна, не е пронајдена.

Иако случајот не доби доволно медиумско внимание во текот на годините, новата триделна серија ветува да ја разниша тишината. Премиерата е закажана за 16 јули на Netflix.

серија за емји

Нема тело, нема одговори – но има сомнежи

Авторите на серијата, Ари Марк и Фил Лот, истакнуваат дека ова е приказна што „едноставно мораше да се раскаже“. Во интервју, тие објаснуваат дека длабокото убедување на родителите на Ејми – Ива и Рон – дека нивната ќерка е сѐ уште жива, еден од главните мотиви за создавање на проектот.

„Колку повеќе го запознававме семејството Бредли, стануваа јасни две работи: нивната вера е непоколеблива, и можеби, само можеби, се во право“, велат авторите.

Што точно се случи на крузерот?

Последната вечер пред исчезнувањето, Ејми се забавувала со својот брат и неколку членови на екипажот во дискотеката на бродот. Сведоци тврдат дека ја виделе на горната палуба околу 5 часот наутро, додека други наводно ја виделе со неидентификуван член на екипажот. Следното утро, таа исчезнала.

И покрај инсистирањето на родителите да се задржи бродот и да не се дозволи никому да го напушти, менаџментот го игнорирало барањето – мостот бил спуштен, а патниците слободно се симнале на копно во Курасао.

Телото на Ејми никогаш не било пронајдено. Истрагата на ФБИ останува отворена до ден денес.

Сомнежи за трговија со луѓе?

Во годините по исчезнувањето, неколку сведоци тврделе дека ја виделе Ејми на различни локации – од Курасао и Барбадос до Сан Франциско. Некои од сведоштвата биле доволно убедливи за повторно да се активираат делови од истрагата, но без конкретен резултат.

Семејството Бредли никогаш не престана да бара одговори. Нивната надеж останува жива, како и прашањето што сè уште нема одговор: дали Ејми е жртва на добро организирана мрежа за трговија со луѓе?

серија за емји

Серијата како обид за правда

„Amy Bradley is Missing“ ги отвора старите рани и нуди нова перспектива, не само за семејството, туку и за гледачите кои ќе се соочат со реалноста на еден трагичен, нерешен случај.

Netflix со оваа серија не само што подигнува свест за исчезнати лица, туку поставува сериозни прашања за безбедноста на туристите на крузери, институционалната небрежност, и што сè се крие зад луксузниот сјај на индустријата за крстарења.