МВР: Граѓаните веќе можат да купуваат муниција без одобрение
МВР го поедностави процесот за набавка на муниција – отсега граѓаните можат директно да купуваат без одобрение, а системот автоматски следи и контролира.
Министерството за внатрешни работи направи суштинска реформа во постапката за набавка на муниција, со што дополнително се олеснува легалното поседување оружје во Македонија.
Согласно најновите измени на Законот за оружје, од сега па натаму сите граѓани кои поседуваат легално оружје ќе можат директно да купуваат муниција од овластените трговци – без потреба од претходно одобрение.
Оваа значајна поедноставена процедура влезе во сила со новиот централен електронски систем, преку кој Министерството ќе врши континуиран увид во количините на набавена муниција. Системот автоматски ќе го следи почитувањето на законски утврдените ограничувања, при што ќе обезбедува висок степен на безбедносен надзор.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја поздрави оваа промена како „конкретна мерка со реални резултати“.
„Системот станува побрз, пофункционален и посовремен, без притоа да се наруши безбедноста. Ова е доказ дека се движиме напред, дека реформите се прават со целосен фокус кон подобра и поефикасна услуга за граѓаните“, изјави Тошковски.
Со оваа нова практика, Министерството не само што ја зголемува ефикасноста и транспарентноста, туку покажува и подготвеност да чекори во чекор со технолошките решенија и современите административни стандарди.