Ќерката на Ѓоковиќ со „Pumpaj“ танц го освои Вимблдон
Ќерката на Новак Ѓоковиќ, Тара, со својот „Pumpaj“ танц по победата на Вимблдон го освои вниманието на публиката и медиумите ширум светот.
На Вимблдон не блескаше само тенисот туку и седумгодишната ќерка на Новак Ѓоковиќ, Тара, која го освои срцето на публиката со својот спонтан и пресладок танц наречен „Pumpaj“. По стотата победа на Ѓоковиќ на легендарните тревни терени, тој реши овој момент да го сподели со своето семејство, а токму Тара стана главната ѕвезда на трибините.
На повик од својот татко, таа со детска самодоверба стана и започна да игра – движењата ги изведе толку весело и безгрижно што публиката буквално избувна во аплаузи. Според Ѓоковиќ, танцот е дел од нивната мала семејна традиција:
„Имаме една песна која ја слушаме дома и на која сите заедно играме. Ја прашав дали сака да покаже како оди танцот – и без двоумење стана и го изведе“, раскажа тој со насмевка по мечот.
Покрај Тара, Ѓоковиќ со сопругата Јелена го имаат и синот Стефан (11), кој веќе покажува сериозен интерес за тенис. Често тренира со својот татко, но според Новак, сè се одвива природно и без притисок:
„Никогаш не сум го терал. Ако самиот одлучи дека сака сериозно да тренира, ќе го поддржам. Но тоа мора да биде негова одлука“, изјави тој уште во 2022 година.
Со вакви моменти, семејството Ѓоковиќ покажува дека зад врвниот спортски успех стојат љубов, сплотеност и спонтаност – а Вимблдон, барем на кратко, беше сцена не само на тенис, туку и на едно мало семејно шоу кое никој нема да го заборави.