Ким Јонг-ун ја отвори луксузната плажа Вонсан Калма
Ким Јонг-ун ја отвори новата плажа Вонсан Калма, прогласувајќи ја за „најголемиот подвиг“ на годината, со ќерката Џу-ае и сопругата покрај себе. Комплексот засега е отворен само за домашни туристи.
Во малку поразлична улога од неговата стандардна – каде го гледаме како раководи со ракетни проби и политички чистки – севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун неделава се појави со семејството на отворање на луксузен туристички комплекс, кој тој го прогласи за еден од најголемите успеси на годината.

На свеченото отворање на новиот ресорт Вонсан Калма, сместен на источниот брег на Северна Кореја, Ким се појави во костум, бела кошула и кравата во боја на песокот – наместо неговиот вообичаен Мао стил. Заедно со сопругата Ри Сол-џу и неговата ќерката Ким Џу-ае, која сè повеќе се смета за негова наследничка, тој уживаше покрај базен, со цигара, ладен пијалак и пешкир во рака, додека пред нив локални туристи се спуштаа по тобогани.
Фотографиите од Ким и ќерката Џу-ае на 4-километарска плажа, со хотели во позадина и окружени со официјални лица, се дел од новата „помека“ PR стратегија на режимот по месеци меѓународна критика поради нуклеарната програма и поддршката за Русија во војната во Украина.
Иако проектот е замислен како почеток на поширока туристичка офанзива, за сега Вонсан Калма ќе биде достапен само за домашни туристи. Северна Кореја сè уште не ги укина строгите ограничувања за влез на странци кои беа воведени со пандемијата на Ковид-19. Исклучоци биле направени само за групи руски туристи и некои спортски настани – како маратонот во Пјонгјанг во април.

Повеќе од декaда се работело на изградбата на овој комплекс, со огромни градежни трошоци. Ким изјави дека проектот е конечно „блиставо реализиран“ и дека ќе има водечка улога во „туристичката култура“ на земјата.
Појавата на сопругата Ри Сол-џу, која не била видена јавно од новогодишната прослава во 2024, предизвика интерес кај аналитичарите. Јужнокорејски медиуми тврдат дека носела Гучи чанта, што би можело да претставува прекршување на санкциите на ОН за извоз на луксузни стоки во Северна Кореја.
Но, најголемото внимание повторно го привлече 12-годишната Ким Џу-ае, која од 2022 речиси редовно се појавува во јавноста со нејзиниот татко. Таа сè повеќе се гледа како потенцијална четврта генерација лидер на Ким династијата – и прва жена на чело на државата откако беше основана во 1948 година.