Казни за пешаци и возачи кои користат телефон и слушалки
Ако поминете со слушалки или зборувајќи на телефон на пешачки, од 26 септември ќе добиете и казна!
Од 26 септември стапуваат во сила измените на Законот за безбедност во сообраќајот со кои се воведуваат построги санкции за користење електронски уреди за време на возење или преминување улица. Пешаците кои ќе поминуваат пешачки премин со телефон на уво ќе се казнуваат со 40 евра, додека за возачи на тротинети, мотори, велосипеди или трактори казната ќе изнесува 50 евра ако во движење користат мобилен, слушалки или друг електронски уред.
Законот јасно пропишува дека пешакот мора да внимава при преминување коловоз или велосипедска патека и не смее да користи мобилен, слушалки на двете уши, таблет, паметен часовник или друг уред кој може да го одвлече вниманието.
Алкохол и казни
Останува границата од половина промил алкохол во крвта како мерка за возење во алкохолизирана состојба. Но за оние со повеќе од 1,5 промили следува значително построга казна: 375 евра и забрана за управување возило од девет месеци до една година.
Видеонадзор и „Сејф сити“
Системот „Сејф сити“ веќе функционира пробно и регистрира голем број прекршоци, но казни преку овој видеонадзор ќе почнат да се изрекуваат од 1 јануари. Законот овозможува полицијата да користи напредни технички средства за снимање и следење на сообраќајот, идентификување прекршоци и документирање на сторителите.
За целосна примена на „Сејф сити“ потребно е дополнително да се изгласа законот за прекршоци, кој сè уште е во подготовка, како и промени во уште три други закони.