ИРЛ откри нови детали за трагедијата во Кочани!

ВестиМакедонија

ИРЛ објави нови докази за пожарот во Кочани и врските меѓу дискотеката „Пулс“, институциите и правосудството. Сторија за одговорност и вистина.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави нова сторија со досега необјавени снимки и документи поврзани со пожарот во Кочани, каде животот го загубија 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Сторијата не е само сведоштво за болката и загубата. Таа открива како институциите, инспекторите, обвинителите и политичарите потфрлија во својата должност да ја заштитат јавноста. „Ова не е политика, ова е новинарство. Нашата работа е да ја објавиме вистината, без разлика на изборите,“ порачуваат од ИРЛ.

Новинарите нагласуваат дека граѓаните мора да ја знаат вистината пред да го дадат својот глас. Кампања без храбро новинарство, според нив, е празен спектакл од ветувања и лажен имиџ, а без колективна саморефлексија македонското општество нема иднина.

Во документарецот „Кочани – наш морален компромис“ се разоткриваат сомнителни врски меѓу сопствениците на импровизираната дискотека „Пулс“, институциите и делови од правосудството. Наводно, полициски инспектори и началници биле редовни гости во клубот кој работел без дозвола.

Особено внимание предизвикува фактот што во обвинението недостигаат имињата на инспектори од УЈП, иако постојат индиции дека биле подмитувани. Еден од нив е брат на актуелната претседателка на Кривичниот суд во Скопје, Даниела Димовска. Таа, пак, има контроверзна судска биографија и била поврзувана со предмети од политичка природа.

По објавувањето на документарниот филм, Јавното обвинителство реагираше со соопштение, што уште повеќе го отвори прашањето за транспарентноста и независноста на институциите.

Во нивното соопштение стои: „При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение“, велат од Обвинителството.

Во продолежние погледнете го видеото на (ИРЛ)