Инцидент на автопатот во Србија меѓу владини лица

ВестиВидеоСрбија

Видео од инцидент на автопатот кон Ниш покажа вербален судир меѓу соработници на српскиот премиер и претседател, со обвинувања за злоупотреба на службени позиции.

На социјалните мрежи во Србија се прошири видео-снимка од вербален инцидент што се случил на автопатот кон Ниш. Во конфликтот биле вклучени членови од придружбата на српскиот премиер Ѓуро Мачут и лица од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Според достапните снимки, женско лице, за кое се претпоставува дека е советничката за медиуми на претседателот Вучиќ, Сузана Васиљевиќ, излегла од едно од возилата и упатила навреди кон припадник на обезбедувањето на премиерот. Таа му се обратила со зборовите: „Што сакаш, идиоту?“, додека тој држел палка со ознака „Стоп, полиција“.

Ситуацијата дополнително ескалирала кога обезбедувањето на премиерот го фатило за врат возачот од другото возило, во кое се наоѓале членови на претседателскиот кабинет.

Инцидентот го коментираше и претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, кој објави дел од видеото и упати критики. Тој ја спореди Васиљевиќ со поранешната функционерка Дијана Хркаловиќ, прашувајќи дали постои злоупотреба на службената позиција.

Во своето обраќање, Миливојевиќ упати и политички коментар кон министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, поврзувајќи ја ситуацијата со наводен притисок врз полицијата од страна на Специјалното обвинителство и политичкото влијание во безбедносните структури.