Хамилтон самоуверен: „Ферари никогаш немал некој како мене“

Спортформула

Луис Хамилтон самоуверен пред трката во Монако изјави дека „Ферари никогаш немал некој како мене“.

Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион и еден од најпознатите тркачи на Формула 1, влегува во легендарната Монако ГП викенд со нов елан и – уште поголеми амбиции. Својата авантура со Скудерија Ферари ја опишува како „возбудлива“, но истовремено и како предизвик, од кој многу очекува.

По силната трка во Имола минатиот викенд, каде од 12-та позиција успеа да заврши четврти, Хамилтон откри дека тој и тимот подготвиле неколку нови трикови за да ја решат клучната слабост во нивниот болид – перформансот во квалификации.

„Имаме идеи, и јас, и тимот,“ изјави Хамилтон. „Не е ова баш најидеалното место за експериментирање, но Монако е уникатен – квалификациите се сè. Ако направиме чекор напред овде, тоа ќе биде вистински пресврт.“

Хамилтон Ферари
Хамилтон Ферари

Иако неговиот најдобар квалификациски резултат оваа сезона беше петтото место, тој не крие дека очекува повеќе – од себе и од тимот. Главната болка е, како што вели, неспособноста да се извлече максимумот од гумите во еден летачки круг – нешто што е од клучно значење на уличната патека на Монако, каде претекнувањето е речиси научна фантастика.

Во својата четврта деценија од животот, но прва сезона во црвениот тим, Хамилтон недвосмислено порачува:
„Ферари никогаш немал некој како мене овде.“

Сериозна изјава? Да. Но, типично хамилтоновска – микс од предизвик и визија, амбиција и резултат. Следете ја целата драма на Монако ГП во живо, со првите слободни тренинзи кои започнуваат во петок од 12:30 часот.