„Ѓаволот носи Прада 2“ – се враќа модниот феномен со Мерил Стрип и Ен Хатауеј

Филм

Мерил Стрип, Ен Хатауеј и Емили Блант повторно ги оживуваат своите култни улоги во филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, кој пристигнува во кино салите на 1 мај 2026 година.

Повеќе од две децении по премиерата на легендарниот филм „Ѓаволот носи Прада“, Холивуд повторно ја отвора вратата на светот на висока мода, цинизам и харизма.
Мерил Стрип, Ен Хатауеј, Емили Блант и Стенли Тучи повторно се во своите препознатливи улоги – Мирaнда Пристли, Енди Сакс, Емили Чарлтон и Најџел, во „Ѓаволот носи Прада 2“, кој ќе се прикажува од 1 мај 2026 година.

Филмот го режира Дејвид Френкел, авторот на првиот дел, а сценариото повторно го потпишува Алин Брош Мекена, што ветува истата острина, стил и хумор кои го направија оригиналот глобален хит.

Моден свет под ново светло

Новиот дел ја прикажува модната индустрија во дигиталната ера – каде „инфлуенсерите“ ја замениле класичната уредничка моќ, а Мирaнда Пристли мора да се соочи со променет свет во кој модата повеќе не владее со авторитет, туку со лајкови.

Освен старата екипа, филмот воведува и нови ликови, меѓу кои Кенет Брана, Симон Ешли, Џастин Теро, Луси Лиу, Полин Шаламе, Би-Џеј Новак и Конрад Рикамора. Продуцентка е Венди Фајнерман, а извршни продуценти се Мајкл Бедерман, Керен Розенфелт и Мекена.

Големи очекувања и носталгија

Публиката со нетрпение го очекува продолжението на култниот филм кој ја дефинираше една генерација и ја претвори фразата „That’s all“ во симбол на суптилен терор и совршенство.

Тизер-трејлерот, кој веќе стана вирален, открива дека „Ѓаволот носи Прада 2“ ќе биде не само продолежение на оригиналот, туку и сатира за новата ера на мода, моќ и медиуми.

Филмот пристигнува ексклузивно во кино салите на 1 мај 2026 година.