ФИФА го спаси Роналдо: Ќе игра уште на стартот на Мундијалот

СпортФудбал

ФИФА ја намали казната на Роналдо, па ќе игра од првиот меч на Мундијал 2026.

ФИФА донесе необична, речиси преседанска одлука со која му ја намали казната на Кристијано Роналдо, овозможувајќи му да настапи на отворањето на Светското првенство во 2026 година. Португалската легенда доби директен црвен картон во поразот од Република Ирска во Даблин (0:2), поради тоа што со лакт го удри Дара О’Шеј околу еден час по почетокот на натпреварот.

Првичната санкција најавуваше суспензија од три меча поради насилно однесување – што автоматски ќе значеше пропуштање на почетокот на Мундијалот. Но, Дисциплинската комисија на ФИФА оценила постоење на олеснителни околности и ги суспендирала вториот и третиот меч од казната, со условен рок од една година.

Првиот црвен картон во 226 настапи

Во образложението е наведено дека ова е прв црвен картон на Роналдо на дури 226 настапи за репрезентацијата. Поради тоа, ќе ја одработи само задолжителниот еден натпревар суспензија – што веќе ја одслужи со пропуштањето на последниот квалификациски дуел против Ерменија.

Тоа значи дека на Светското првенство во Северна Америка ќе биде целосно подготвен и достапен, освен ако во следните дванаесет месеци не повтори прекршок со слична тежина.

Што следува ако згреши повторно?

ФИФА предупреди дека во случај на иден инцидент со ист интензитет во текот на условниот период, двете суспендирани натпревари  веднаш би се активирале и Роналдо би морал да ги одслужи.

Оваа одлука е големо олеснување како за Роналдо, така и за Португалија, каде што постоеше страв дека капитенот ќе го пропушти почетокот на турнирот. Португалската федерација најави жалба уште по изрекувањето на првичната казна, додека селекторот Роберто Мартинес тврдеше дека потегот на Роналдо не бил насилен, туку реакција на грубите дуели во казнениот простор.

Роналдо неодамна изјави дека Мундијал 2026 ќе биде негов последен – па одлуката на ФИФА му отвора можност да се прости од големата сцена на терен, наместо од трибините.