Државата го проби рокот за исплата од „МојДДВ“ – дел од граѓаните останаа без пари

ВестиМакедонија

Исплатата од „МојДДВ“ доцни, а многу граѓани без проблеми со сметките не ги добија средствата за третиот квартал.

Денеска истече законскиот рок за исплата на средствата од „МојДДВ“ за третиот квартал, но значителен број граѓани кои летово скенирале фискални сметки не ги добија своите пари. Ова е првпат од воведувањето на проектот исплатата да не биде комплетна и да се случи дел од корисниците да останат без надоместот.

Се работи за повратот за месеците јули, август и септември. Во претходните години исплатите најдоцна завршуваа до 10-ти во месецот, но по промената на власта рокот беше продолжен до 30-ти. И покрај тоа, денеска државата го проби и овој продолжен рок.

Управата за јавни приходи соопшти дека заклучно со вчера се исплатени 552 милиони денари кон граѓаните, а налозите за дополнителни 370 милиони денари се подготвени. Сепак, исплатата реално не пристигна кај сите, и тоа не само кај оние со технички проблеми.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, посочи дека кај дел од граѓаните можни се застои поради невалидна трансакциска сметка или недоследности во податоците, но голем број корисници со валидни и редовно ажурирани сметки исто така не ги добија средствата.

Правилото предвидува средствата да се исплатат во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот, што за третиот квартал значи дека исплатата мора да биде завршена до 30 ноември 2025 година. Максималниот поврат изнесува 2.100 денари по корисник.

Јавноста очекува дополнителни појаснувања од институциите за причините за доцнењето и за тоа кога преостанатите средства конечно ќе бидат исплатени.