АмерикаВестиПолитика

Доналд Трамп: Нема да се кандидирам за трет мандат

Доналд Трамп потврди дека нема да се кандидира за трет мандат, демантирајќи шпекулации за „Trump 2028“ и потенцирајќи ја важноста на уставната граница од два мандата.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема намера да се кандидира за трет претседателски мандат, ставајќи крај на шпекулациите што кружат во јавноста последните неколку недели.

„Ќе бидам претседател осум години, претседател два мандати. Отсекогаш сум чувствувал дека тоа е важно,“ изјави Трамп во интервју за NBC, нагласувајќи дека никогаш немал реална намера да ја надмине уставната граница.

Во минатото, Трамп неколкупати навестуваше можност за трет или дури и четврти мандат, но подоцна ги повлече тие изјави, тврдејќи дека се дадени со иронична намера — за да ги провоцира медиумите, кои, според него, постојано шират лажни вести.

Шпекулациите повторно се разгореа кога на официјалната веб-страница на неговата кампања почнаа да се продаваат капи со натпис „Trump 2028“. Ова го наведе јавниот дискурс да се фокусира повторно на неговите политички амбиции, иако тој лично ги демантираше тие намери.

„Толку многу луѓе бараат од мене да го направам тоа. Но, колку што знам, тоа не е дозволено. Не знам ни дали е уставно или нешто слично,“ рече Трамп неколку дена по одбележувањето на 100 дена од неговиот втор мандат. Тој додаде дека четири години се доволни за да се направи нешто „спектакуларно“.

Според 22-от амандман од Уставот на САД, на една личност не и е дозволено да биде избрана за претседател повеќе од два пати. За да се смени ова правило, потребна е комплицирана постапка која вклучува двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот, како и ратификација од три четвртини од сојузните држави.

Прочитај ме:  Трамп воведува нови царини за Кина, Мексико и Канада – жесток одговор на кризата со фентанил

И покрај тоа, некои поддржувачи на Трамп тврдат дека постои „правна дупка“ која би можела да се искористи, иако вакво толкување никогаш не било тестирано пред судските институции.