Доналд Трамп ја исмејува Франција за прославата на VE Day
Доналд Трамп повторно во фокусот со исмевање на Франција по повод прославата на победата во Втората светска војна. Изјавите предизвикаа бурни реакции кај историчарите.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно предизвика контроверзии со своите изјави – овој пат исмејувајќи ја Франција за прославата на 80-годишнината од победата на сојузниците во Втората светска војна. Тој оцени дека Соединетите Американски Држави треба јасно да ја нагласат својата водечка улога во победата, алудирајќи дека придонесот на Франција бил далеку помал.
„Ја сакаме Франција, нели? Но, мислам дека ние придонесовме малку повеќе за победата. Се сеќавате кога Хитлер држеше говор под Ајфеловата кула? Не беше баш идеален момент за Франција“, изјави Трамп во говорот пред американски војници во воената база Ал Удеид во Катар, според Newsweek.
Тој додаде дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, нарекувајќи го „добро момче“, и го имитирал неговиот глас:
„Доналд, ја славиме нашата победа над Германците.“
„Сите слават – само САД не“
Трамп го искористи поводот да ја критикува и одлуката на САД да не го одбележуваат Денот на победата на ист начин како другите сојузнички држави.
„Русија слави, Франција слави, сите слават – освен САД. А ние сме оние што ја добивме војната. Без нас, сите ќе зборувавме германски. Можеби и малку јапонски,“ изјави Трамп.
Да потсетиме, Франција и Велика Британија го слават Денот на победата во Европа (VE Day) на 8 мај – денот кога нацистичка Германија официјално капитулираше. Русија го одбележува истиот ден на 9 мај, поради разликите во временските зони.
Историчари: Сериозно потценување на другите сојузници
Изјавите на Трамп наидоа на сериозни критики од страна на историчарите и експертите за Втората светска војна. Тие потсетуваат дека токму Советскиот Сојуз поднесе најголеми жртви и имаше пресудна улога во поразот на нацистичка Германија. Дополнително, Велика Британија, Слободните француски сили и голем број други земји од антихитлеровската коалиција имаа клучни улоги во ослободувањето на Европа.
И покрај ова, Трамп и во објава на неговата платформа Truth Social изјави дека САД направиле „многу повеќе од која било друга земја“ и повторно инсистираше на идејата дека Американците треба да го одбележуваат Денот на победата во Втората светска војна како национален празник, кој тој претходно го прогласи на 8 мај.