Денес ја славиме Света Кикилија: задолжително пејте ги вашите омилени песни
Денес ја славиме Света Кикилија: задолжително пејте ги вашите омилени песни и бидете весели – еве зошто!
Православната црква и верниците денес ја празнуваат Светата маченичка Кикилија, нарекувана и Цицилија.
Таа живеела во Рим, во семејство на трговци. Според преданието, уште во младоста му се заветувала на Бога дека ќе остане девојка до крајот на животот. Но нејзините родители не ја уважиле нејзината желба и насилно ја омажиле за незнабожецот Валеријан.
Сепак, уште во првата брачна ноќ Кикилија успеала да го убеди својот сопруг во вистинитоста на христијанството и верата во Единиот Бог. Го поттикнала да прими крштевање и заедно да живеат девствен, чист духовен живот.
Набргу потоа, Валеријан успеал да го обрати во христијанство и својот брат Тивуртиј. Според раскажувањето, двајцата браќа поради својата непоколеблива вера биле осудени на смрт. На патот кон губилиштето, преку нивната искрена вера и подготвеност да пострадаат за Христа, успеале да го обратат и заповедникот на стражата – Максим. Наскоро сите тројца биле погубени.
Света Кикилија благочестиво ги погребала нивните тела. Веднаш потоа и самата била изведена пред суд. По страшни мачења, била осудена на смрт со отсекување на главата. Преданието вели дека џелатот трипати замавнал со мечот кон нејзиниот врат, но не успеал да ја убие. Од раната што ѝ ја нанел течела крв, а верниците ја собирале во марами, сунѓери и ткаенини. Легендата сведочи дека таа крв подоцна лекувала различни болести.
Три дена по мачењата, светата маченичка и девица Кикилија издивнала. Нејзините мошти почиваат во црквата што го носи нејзиното име во Рим, а споменот на оваа света жена се празнува заедно со Свети Валеријан, Тивуртиј и Максим.
Се верува дека на денешниот ден треба да ги слушате вашите омилени песни, да бидете весели и распеани – за целата претстојна година да ви помине во радост и благосостојба.





