Дали Labubu е демон или само уште една плишана играчка?

Занимливости

Дали плишаната Labubu е демон или само мајсторски маркетиншки трик? Разгледуваме како се шират теории на заговор и што всушност се крие зад популарноста на оваа мистериозна фигура.

Во светот на модерните трендови, сè што станува вирално, со себе повлекува и теории на заговор, морална паника и духовна сензационалност. Последна мета на оваа колективна хистерија е симпатичната, но „сомнителна“ плишана креатура Labubu – ѕвезда на Pop Mart и дел од колекцијата The Monsters на хонгконшкиот уметник Касинг Лунг. Според некои „експерти“ на интернет, Labubu не е ништо помалку од… демон. Да, вистински демон, и тоа наводно мезопотамскиот – Пазузу.

Labubu се појави во 2015 година, инспирирана од нордиска митологија и европски фолклор, создадена како дел од артистичка визија, а не од мрачна окултна агенда. Лунг за својот лик вели дека, иако изгледа страшно, таа всушност има добро срце и секогаш сака да помогне. Типичен лик од бајка, нели?

Касинг Лунг
Касинг Лунг.

Но работите стануваат поинтересни (или позабегани) кога ќе влеземе во светот на „блинд бокс“ лудилото. Купуваш кутија, не знаеш која Labubu ти се паѓа, а ако имаш среќа, можеби ќе добиеш ултра-ретка фигура вредна повеќе од златен заб. Како лото, но овој пат со уши и забчиња. Тоа, во комбинација со TikTok видеа каде што девојчиња и момчиња со возбуда ги распакуваат овие кутии, создаде култна популарност – и идеална почва за ширање бизарни гласини.

Наеднаш, некој некаде на интернет (најверојатно инфлуенсер кој претходно продавал диети, а утре можеби ќе продава сол за отстранување негативна енергија) забележал „сличност“ помеѓу Labubu и Пазузу. Иако реално – освен што и двете фигури имаат заби и изгледаат чудно – сличноста тука завршува. Но зошто да се запре кога може да се кликнува?

Pop Mart дури и саркастично одговори на овие тврдења на 1 април, објавувајќи лажно „предупредување“ во кое велат: ако вашата Labubu се движи сама, не се приближувајте – туку бегајте. Совршена иронија за уште посовршено глупава ситуација.

лабубу

Што навистина се случува тука? Едноставно – Labubu е пример за генијален маркетинг: поврзување на носталгија, мистерија и колекционерска манија, обвиткани во слатка, визуелно привлечна амбалажа. Но наместо да ја разобличиме пазарната стратегија, некои решија да ја демонизираат самата играчка. Тоа не е ништо ново – сетете се на Покемон, Тамагочи, Барби… сите имаат поминато низ слични обвиненија.

Демони? Не. Пазарен предаторски инстинкт? Апсолутно. Ширење култура на престиж и вредност базирана на реткост? Да. Психолошка зависност од лото-купи-и-надевај-се? Секако.

Labubu не е демон. Но можеби навистина е „чудовиште“ – само не во духовна смисла, туку во маркетиншка. И додека некои се плашат од невини плишани суштества, вистинскиот предизвик е да се соочиме со индустријата која умее да го направи секое дете купувач… и секој купувач зависник.