Бебето од обвивката на албумот „Nevermind“ на „Нирвана“ го изгуби судскиот спор

Селебрити

Спенсер Елден, човекот кој беше фотографиран како четиримесечно бебе за иконската обвивка на албумот, го изгуби судскиот спор.

Спенсер Елден, човекот кој беше фотографиран како четиримесечно бебе за иконскиот омот на албумот „Nevermind“ на „Nirvana“, го изгуби судскиот спор во кој го тужеше бендот за дистрибуција на детска порнографија, објави Би-Би-Си.

Судска пресуда

Елден беше фотографиран гол како плива под вода во 1991 година, а сликата стана една од најпрепознатливите омоти во музичката историја. Во својата тужба против рок-бендот и фотографот Кирк Ведл, тој тврдеше дека станува збор за сексуална експлоатација. Сепак, судијата пресуди дека „ниту позата, ниту фокусната точка, ниту местото, ниту целокупниот контекст не сугерираат дека омотот на албумот прикажува сексуално експлицитно однесување“.

Судијата ја спореди сликата со семејна фотографија од дете кое се капе, велејќи дека е „очигледно недоволна за да се поткрепи наодот“ за детска порнографија. „Голотијата мора да биде поврзана со други околности што ја прават визуелната претстава непристојна или сексуално провокативна“, напиша судијата Фернандо Олгуин, повикувајќи се на претходна пресуда.

Елден првпат ја поднесе тужбата во 2021 година, тврдејќи дека неговиот идентитет и име се „засекогаш поврзани со комерцијалната сексуална експлоатација што ја доживеал како малолетник“. Окружниот судија на САД, Фернандо Олгуин, ја отфрли во 2022 година со образложение дека рокот на застарување е истечен, но апелациониот суд ја поништи таа одлука и му дозволи на Елден повторно да ја поднесе тужбата. Во новата пресуда, судијата, исто така, ги зеде предвид факторите како што се присуството на родителите на Елден на фотосесијата, фактот дека фотографот бил семеен пријател и дека Елден претходно „прифатил и имал финансиска корист од тоа да биде прикажан на насловната страница на албумот“.

Спенсер Елден
Спенсер Елден

Реакции на пресудата

Адвокатот на Нирвана изјави: „Воодушевени сме што судот го заврши овој неоснован случај и ги ослободи нашите креативни клиенти од стигмата на лажните обвинувања“. Правниот тим на Спенсер Елден изјави за Ролинг Стоун дека „со почит не се согласуваат“ со одлуката и најавија жалба. „Додека индустријата за забава го става профитот на прво место пред приватноста, согласноста и достоинството на детството, ние ќе продолжиме со нашата потрага по свест и одговорност“, рече Џејмс Р. Марш од адвокатската канцеларија Марш.