Салата на долговечноста – рецепт од островот Икарија
Откријте го икарискиот рецепт за компир-салата без мајонез – хранлив и едноставен оброк што го следат стогодишниците од „сините зони“ за подолг и поздрав живот.
Овој едноставен, но хранлив рецепт не е само вкусен оброк, туку и мал чекор кон поздрав начин на живот, инспириран од луѓето што ја откриле тајната на долговечноста.
Т.н. „Сина зона“ е назив за региони во светот каде што жителите живеат подолго и поздраво од глобалниот просек. Според истражувањата на авторот и истражувачот Ден Бјутнер, постојат пет такви области во кои голем број луѓе доживуваат сто години, а хроничните болести – како срцеви заболувања, рак и дијабетес – се вистинска реткост.
Една од тие зони е грчкиот остров Икарија, каде што жителите следат исхрана слична на медитеранската – богата со локално одгледано овошје, зеленчук, цели житарки, мешунки и здрави масти, особено од маслиново масло. Рибата, млечните производи и јајцата се консумираат умерено, додека месото е речиси отсутно од нивното мени.
Тајната на исхраната на
стогодишниците
На Икарија популарна е зимската салата од компир – јадење направено од „скромни состојки“, но богато со вкус и хранливост. Во својата книга „The Blue Zones Kitchen: 100 Recipes to Live to 100“, Бјутнер објаснува:
„Оваа салата ја спојува заситноста на компирот, кој е важен дел од икариската верзија на медитеранската исхрана, со свежината на копарот и зелените листови.“
Проектот Blue Zones е посветен на откривање и споделување на тајните на најдолговечните луѓе во светот, преку нивниот начин на исхрана и животна филозофија.
Рецепт за икариска компир-салата без мајонез
За разлика од типичните верзии на компир-салата, овој рецепт не содржи мајонез. Наместо тоа, користи едноставен, но ароматичен прелив од маслиново масло и црвен вински оцет.
Овој оброк бил особено популарен меѓу жените кои работеле на полињата и немале многу време за готвење. За само 25 минути, добивале заситен и енергичен ручек кој го обновувал телото и духот.
Состојки:
1 кг компири, исечени на коцки
Една рака свеж копар, ситно исечкан
60 мл маслиново масло
30 мл црвен вински оцет
Сол и свежо мелен бибер по вкус
Неколку листови зелена салата (на пример, путер салата)
Неколку ротквици за декорација (по желба)
Подготовка:
Во тенџере ставете околу два литра вода и загрејте ја до вриење.
Додадете ги компирите и варете без капак околу 12 минути, додека не омекнат.
Проверете со вилушка – ако лесно продира, компирите се готови. Процедете ги и оставете да се изладат.
Во мала чинија измешајте го копарот со маслиновото масло, оцетот, солта и биберот додека не добиете мазен прелив.
Во голема чинија соединете ги изладените компири со преливот и нежно измешајте.
Непосредно пред сервирање, додајте ги листовите салата и ротквиците, па повторно промешајте.
Послужете ја салатата како самостоен оброк или како прилог со риба.