Од денес секој ден по 15 часот ќе има блокади во Кочани

ВестиМакедонија

Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ најавуваат секојдневни блокади во Кочани, барајќи побрзо и правично судење.

Од денес, ќе се одржуваат мирни јавни собири и едночасовни блокади на кружниот тек кај двојниот мост на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат секој ден од 15:15 до 16:15 часот, сè додека не започне судењето за пожарот во клубот „Пулс“.

Ова го најавија родителите на загинатите во трагедијата, на денешниот 26-ти „Марш за ангелите“, одржан пред Основниот суд во Кочани. Тие реагираа по изјавата на адвокати на осомничените, кои, според нив, сугерирале дека судењето може да трае од 10 до 15 години.

„Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата што ги изгубија своите деца. Таквите зборови звучат како обид јавноста да се подготви за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме“, изјави мајка на едно од загинатите девојчиња пред новинарите.

Родителите на настраданите бараат зголемување на капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници, за да не дојде до одолговлекување на процесот поради недостиг од ресурси. Тие исто така побараа рочиштата да добијат приоритет и континуитет, со цел постапката да се одвива без непотребни паузи и одложувања.

Семејствата изразија сомнеж во можни манипулации и прикриено забавување на судскиот процес, барајќи јавно и транспарентно следење на сите активности.

„Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек – сè додека не почне судењето. Понатаму, ќе зависи како ќе се развиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри,“ порачаа членовите на семејствата што ги загубија своите блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.