Параглајдер фрлил бомби на протест во Мјанмар – 24 мртви

ВестиСвет

Крвав напад во Мјанмар – моторизиран параглајдер фрли две бомби врз мирен протест, при што загинаа најмалку 24 лица, а десетици се повредени. Светот шокиран од новата тактика на хунтата.

Најмалку 24 лица се убиени, а 47 повредени во Мјанмар, откако моторизиран параглајдер фрли две бомби врз мирен протест против воената влада. Нападот се случил во понеделник навечер, во населбата Чаунг У, централниот дел на земјата, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на владата во егзил.

Од воениот удар во 2021 година, кога војската ја презеде власта, Мјанмар е втурнат во граѓанска војна. Судирите меѓу војската, вооружените групи на отпор и етничките милиции оставија илјадници мртви и милиони раселени. Иако хунтата изгуби контрола врз повеќе од половина од земјата, во последниот период повторно остварува значителни воени успеси, главно поради бруталните воздушни напади и масовно бомбардирање.


Нападот во регионот Сагаинг

Регионот Сагаинг, каде што се случи нападот, е едно од клучните бојни полиња во конфликтот. Голем дел од територијата е под контрола на Народните одбранбени сили (PDF) – доброволна милиција која се бори против воената влада.

Локален претставник на PDF изјавил за BBC Burmese дека имале информации за можен воздушен напад и се обиделе брзо да го растурат собирот, но параглајдерите пристигнале порано од очекуваното.

„Сè траеше околу седум минути“, изјавил тој, додавајќи дека бил ранет во ногата, додека многумина околу него биле убиени.


Морничави сцени по нападот

Очевидци опишале ужасни сцени на местото на нападот. Според една жена која помогнала во организацијата на протестот, „било невозможно да се препознаат телата“. Таа изјавила за AFP дека децата биле целосно растргнати и дека дури и следниот ден, луѓето „сè уште собирале делови од тела“ за време на погребите.


Амнести: Нов вознемирувачки тренд

Организацијата Амнести интернешнл во вторник предупреди дека користењето параглајдери за напад врз цивили е „нов и вознемирувачки тренд“. Поради меѓународните санкции, хунтата сè повеќе користи парамотори наместо авиони и хеликоптери, кои тешко се набавуваат.

Аналитичарите посочуваат дека воената технологија од Кина и Русија, како и напредните дронови, ѝ даваат на војската ново предимство на бојното поле.


Повик за заштита на цивилите

Џо Фримен, истражувач на Амнести Интернешнл за Мјанмар, изјави дека овој напад „треба да биде застрашувачко предупредување дека цивилите се во итна потреба од заштита“.

Тој го повика АСЕАН, регионалниот сојуз на Југоисточна Азија, да го зголеми притисокот врз воената хунта и да ревидира политиките кои веќе пет години не даваат резултат.


Протест за мир и слобода

Нападот се случил за време на мирно бдение со свеќи, организирано против воената регрутација и претстојните национални избори во декември – први по државниот удар во 2021 година.

Демонстрантите барале ослободување на политичките затвореници, вклучувајќи ја и соборената лидерка Аунг Сан Су Ќи, симболот на отпорот против хунтата. Критичарите предупредуваат дека изборите нема да бидат ни слободни, ни фер, и дека режимот ги користи за легитимизација на својата власт.