ДНК анализата на 117-годишна жена откри тајна на долговечноста

Живот и СтилЗдравје

ДНК анализата на 117-годишната Марија Брањас открива нови сознанија за долговечноста и здравото стареење, отворајќи нов поглед кон биологијата на човечкиот животен век.

Научниците открија нови поглед кон биологијата на стареењето преку детална здравствена анализа на една од најстарите жени во светот – Марија Брањас, која доживеа 117 години. Иако времето е неминовно, супервековниците што го доживуваат својот 110. роденден поседуваат ретка способност да го одложат неизбежното, пишува Science Alert.

Истражувањето, спроведено во Шпанија, покажало дека Брањас имала извонредно млад геном и неколку ретки генетски варијанти поврзани со долговечност, силен имунитет, како и здраво срце и мозок. Научниците од Институтот за истражување на леукемија „Жозеп Карерас“ во Барселона ги анализирале нејзините примероци од крв, плунка, урина и столица пред нејзината смрт во 2024 година, кога беше најстарата жива личност на светот.

Младост на клеточно ниво

Тимот открил дека клетките на Брањас се „однесувале“ како да припаѓаат на многу помлада личност, надминувајќи го просечниот животен век на жените во Каталонија за повеќе од 30 години. И покрај нејзините години, таа имала стабилно срцево здравје и многу ниско ниво на воспаленија. Нејзиниот имунолошки систем и цревен микробиом биле слични на оние кај лица децении помлади, со ниски вредности на „лош“ холестерол и високи на „добар“.

Научниците наведуваат дека овие фактори можат да ја објаснат нејзината извонредна долговечност и здравје. Брањас живеела ментално, социјално и физички активен живот, но и нејзината генетика играла значајна улога. Иако медитеранската исхрана можеби помогнала, крајниот резултат најверојатно бил производ на комбинација од наследни и средински влијанија.

Marija

Теломерите и парадоксот на стареењето

Еден од најинтересните наоди бил поврзан со нејзините теломери – заштитни „капчиња“ на краевите на хромозомите. Иако вообичаено пократките теломери се сметаат за знак на стареење, кај Брањас била забележана нивна силна ерозија без негативни ефекти. Научниците сметаат дека оваа појава можеби дури и ја заштитила од рак, со тоа што го ограничила животниот век на клетките.

Истражувачите заклучиле дека длабоката старост не мора секогаш да биде поврзана со лошо здравје. Нивната студија, иако базирана на една личност, отвора нови прашања за тоа како клеточните механизми можат да овозможат здраво и долготрајно стареење.

Патот кон разбирање на долговечноста

Водачите на студијата, епигенетичарите Елој Сантос-Пужол и Алекс Ногера-Кастелс, нагласуваат дека се потребни поголеми истражувања со повеќе учесници за да се потврдат овие наоди. Но според постоечките резултати, луѓето што живеат екстремно долго имаат уникатни биомаркери кои ги штитат од болести и го успоруваат стареењето.

Денес, стогодишниците се најбрзо растечка демографска група во светот, но само еден од десет успева да го доживее следното десетлетие. Случајот на Марија Брањас им понуди на научниците ретка можност да ги проучат патиштата што водат кон екстремна човечка долговечност — и потенцијално да откријат начини како таа да стане подостапна за повеќе луѓе.