Македонија влегува во преговори за британски мигрантски кампови
Македонија формално преговара со Британија за мигрантски кампови за одбиени мигранти, потврдува „Тајмс“.
Британските медиуми ја отворија темата која неминовно ќе разбуди жестоки реакции: Северна Македонија и Обединетото Кралство формално влегле во разговори за отворање мигрантски кампови за лица кои добиле одбивање на азил во Британија. Според „Тајмс“, планот на премиерот Кир Стармер предвидува нелегалните мигранти да се пренесуваат на територијата на Македонија, каде ќе добијат можност да поднесат ново барање за азил.
Британија ќе плаќа за секој мигрант прифатен во рамките на договорот, а за возврат ќе инвестира во безбедноста на Македонија, особено во заштитата од руските хибридни закани. Договорот, како што пишува „Тајмс“, е дел од поширока политичко-безбедносна рамка меѓу владите на Мицкоски и Стармер.
Како ќе функционираат мигрантските хабови?
Според објавеното, мигрантите нема да бидат притворувани ниту ограничувани. Ќе имаат слободно движење и можност доброволно да ја напуштат земјата. Британија планира да ги охрабрува да побараат азил во Северна Македонија, а дел од нив ќе можат да добијат и работни визи, особено во градежништвото каде што има хроничен недостиг од работници.
Овој модел, уверуваат британските претставници, не е идентичен со контроверзната „Руанда шема“. Наместо тоа, станува збор за „нова иновација“, дел од поширока стратегија за справување со илегалната миграција преку Ла Манш.
Не преговара само Македонија
Покрај Македонија, во разговори е и Косово, а Босна и Херцеговина категорично го одбила предлогот со образложение дека е спротивен на нивните национални интереси.
Британскиот Хоум Офис за „Тајмс“ изјавил дека преговорите се во тек со повеќе земји, но дека целта не е да се креира единствен модел базиран само на повратни кампови.
Олеснителен фактор за имплементацијата на планот е што сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, се потписници на Европската конвенција за човекови права, што ги намалува правните бариери.
Македонско-британска соработка веќе е зајакната
Годинава Северна Македонија се приклучи на заедничката мигрантска единица за борба против шверцерите, разузнавачки активности и зајакнување на границите. Новите преговори само ја надградуваат веќе постоечката соработка, но останува да се види дали јавноста ќе го прифати моделот кој Босна јавно го одби.





