Божиќниот пост започнува – период на духовна подготовка, воздржување и смирение

Занимливости

Божиќниот пост започнува на 28 ноември и трае 40 дена со правила за воздржување, молитва и духовна подготовка до Божиќ.

Божиќниот пост започнува на 28 ноември и претставува четириесетдневен период на духовно и телесно воздржување кој ги подготвува верниците за Христовото Раѓање. Иако трае исто како и Велигденскиот пост, овој пост е поблаг и пофлексибилен, но сепак носи јасни правила што православните христијани ги почитуваат со векови.

Во текот на целиот пост не се консумираат месо, јајца и млечни производи. Масло и вино се дозволени, освен во понеделник, среда и петок, кога се пости „на вода“. Саботи и недели, како и големи празници како Воведение на Пресвета Богородица, се дозволени за јадење риба – освен во последната недела пред Божиќ, кога постот станува построг.

Како што се приближува 6 јануари, верниците целосно се воздржуваат од риба, а на Бадник се пости строго – само на вода, без масло и без вино. Овој ден се смета за најстрогиот момент од постот и симболично го претставува очекувањето на Христовото Раѓање.

Во земјите каде Новата година се слави според новиот календар, црквата потсетува дека постот не треба да се прекинува заради новогодишната прослава. Верниците се охрабруваат да ја одбележат Новата година на посмирен начин и да ги почитуваат црковните правила, а доколку има празнување, за славеникот и гостите може да се подготви риба како дозволена посна храна.

Постот не е само диета. Тој претставува духовен подвиг – воздржување од лоши мисли, гнев, лоши дела и прекумерен телесен нагон. Свештениците нагласуваат дека постот е време за молитва, добрина и внатрешно очистување, Според толкувањето на многу свештеници, постот вклучува воздржување од мрсна храна, злобни мисли, сексуален нагон и лоши дела. Во случај на здравствени потешкотии, можно е свештено лице да даде благослов за олеснување на правилата.

Целта на божиќниот пост е човекот да ја зајакне волјата, да го исчисти телото од мрсна храна и душата од непотребен товар, подготвувајќи се достојно за радосниот празник Божиќ.