Сомнеж за труење со храна во основно училиште
Кујната во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е затворена по сомнеж за труење со храна; инспекциите спроведуваат вонредна контрола.
Можно труење со храна предизвика вонредна состојба во основното училиште во Влае, откако утрово голем број ученици пријавиле стомачни болки. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, веднаш влегоа на терен и започнаа детална проверка во училишната кујна.
Кујната е привремено затворена додека трае постапката за утврдување на можниот извор на контаминација. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, се спроведува епидемиолошка анкета и се земаат мостри од храната, работните површини, приборот и машините за лабораториско тестирање.
Од АХВ потврдуваат дека по завршувањето на контролата јавноста ќе биде навремено информирана за сите наоди и за евентуалните мерки што ќе бидат изречени.





