Случај од Охрид кој ја вознемири јавноста, тинејџер силувал 12-годишно девојче

Вести

Случај од Охрид кој ја вознемири јавноста, тинејџер силувал 12-годишно девојче,а друго лице ги снимало со телефон.

Охридската полиција регистрира исклучително сериозен случај поврзан со насилство, снимање и уцена меѓу малолетници. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 16-годишен тинејџер е приведен под сомнение дека извршил обљуба врз 12-годишно девојче од градот. За време на настанот, друг малолетник го снимал чинот со мобилен телефон.

До видеоснимката подоцна дошол 14-годишен охриѓанец, кој ја уценувал жртвата да воспостави врска со него, заканувајќи се дека ќе го објави материјалот доколку не ја прифати неговата барана „врска“.

„На 24.11.2025 во 10:00 часот, полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 16-годишник поради сомнение дека на 12.11.2025 извршил обљуба врз 12-годишно девојче. Друг малолетник го снимал чинот, а до видеоматеријалот подоцна дошол 14-годишник кој ја уценувал жртвата дека ќе го објави видеото доколку не биде со него. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање и на ова лице“, се наведува во соопштението на МВР.

На девојчето веднаш ѝ бил извршен медицински преглед, а со него разговарале полициски службеници и социјални работници во присуство на родител, како што предвидуваат протоколите за работа со малолетни жртви.

По консултација со јавен обвинител, против малолетните лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Полицијата продолжува со истрагата и собирање дополнителни докази.

Овој случај повторно го отвора прашањето за безбедноста на малолетниците, ризиците од онлајн злоупотреба и потребата од системска заштита, контрола и навремена едукација на младите.