Потресната исповед на мајката на Надица: „Мислев дека е само онесвестена, дека ќе можам да ја спасам“
Потресно сведоштво на родителите на жртвите од пожарот во „Пулс“ Кочани и повикот за правда преку „Маршот на ангелите“ во Скопје.
Родителите на младите жртви од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани гостуваа во емисијата „24 анализа“, каде што преку солзи ја споделија својата болка, страв и бесот што ги следат од кобната ноќ на 16 март. Нивните сведоштва ја разголуваат не само трагедијата, туку и долгата борба со институциите по загубата на своите деца.
Габриела Наунова, мајката на Надица, со глас што се крши од болка, се присети на моментот кога ја примила веста дека дискотеката гори. Во 2 часот и 40 минути, телефонот ѝ заѕвонел – и веднаш почувствувала дека нешто не е во ред. Првата мисла ѝ била да погледне во собата на Надица, надевајќи се дека е дома. Кога ја видела празната постела, во паника и неверување тргнала кон „Пулс“.
„По 20 пати во денот се слушавме. Кога сфатив дека Надица не ми се јавува на телефон, тој мајчински инстинкт кој ние го имаме и поврзаноста… таа болка уште ја чувствувам во градите, бидејќи сфатив дека е нешто страшно сериозно.
Додека трчав нагоре, викав само Надица, Надица, надевајќи се дека ќе ја најдам надвор од дискотеката. Но, не. Полицајци имаше пред влезот на дискотеката, имаше еден куп деца, легнати настрана, потпрени по ѕидовите, на самата трева, кој на пат… тоа беше страшно.
Само слушав женски повици и истрчав да видам. Од левата страна од дискотеката имаше девојчиња на решетките на прозорците, бараа помош и само викаа дајте ни воздух. Излегуваше страшен црн чад.
Сопругот дојде, мене не ме пуштија да влезам во дискотеката. Сопругот кога влезе во дискотеката, одма ја препозна Надица и ми ја даде во раце.
Мислев дека е само онесвестена, дека ќе можам да ја спасам. Првото нешто што го направив, побарав помош додека сопругот отиде да ја донесе колата. Побарав помош од полицијата, но полицајците не сакаа никаква помош да ми пружат. Дотрчаа неколку од лицата што беа таму од повредените и ми помогнаа да ја качам во сосема трета кола, за да ја однесам во болницата во Кочани.
Надица беше во првите неколку души во болницата. За жал, не успеавме да направиме ништо за неа. И мислам дека цел живот ќе ми остане тоа траума ‘зошто’, ‘нели можев порано да стасам’, ‘нели можев нешто повеќе да направам за неа’.“
Таткото на Надица, Александар, претходно објави потресно видео – последната снимка од нивната ќерка непосредно пред трагедијата.
Во центарот на Скопје денес се одржа Маршот за ангелите, собир кој повторно ги обедини родителите на загинатите млади од трагедијата во дискотеката „Пулс“ и голем број граѓани што им даваат поддршка во борбата за правда. Маршот започна точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, каде што постепено се собираа десетици луѓе со фотографии, транспаренти и пораки поврзани со трагедијата.







