Загина работник од Кина, бил притиснат од кран

ВестиМакедонија

Извршен увид во фабрика во Кавадарци каде загина работник од Кина.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на лице место во фабрика во која вчера загина 38-годишен кинески државјанин.

Според првичните сознанија, тој пристигнал во земјава кон крајот на август, но постојат сомненија дека иако се уште не му бил регулиран престојот и работниот однос, сепак веќе бил ангажиран на извршување работни задачи во фабриката. Притоа, бил притиснат од кран на висока платформа и му биле нанесени тешки телесни повреди од кои починал.

Јавниот обвинител издаде повеќе наредби со цел да испита евентуални тешки дела против општата сигурност. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, прибавена е целокупната документација за изведувањето на работите, а ќе се врши машинско вештачење на кранот и испитување на почитувањето на прописите од областа на заштитата при работа.